Начинот и условите во кои се земале брисовите на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и на останатите членови на кризниот штаб, неправењето на епидемиолошки анкети, како и транспортот од страна на Итната медицинска помош до приватни лаборатории во Скопје, се дел од неправилностите кои се утврдени за време на двата вонредни инспекциски надзори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Конкретно кај градоначалникот Димитриевски е утврдено дека го прекршил решението за домашно лекување и го напуштил местото на престој што е спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Резултатите од надзорите денеска ги презентираше директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова-Бухова.

Станува збор за два надзори, првиот од 17 април, а вториот од пред два дена.
Првата контролата била во Центарот за јавно здравје во Куманово, а целта била да се утврди фактичката состојба за работата на оваа установа односно дали се почитувани протоколите и алгоритмите при тестирањето на Димитриевски и членовите на кризниот штаб.
„Првото тестирање е извршено на 26 март 2020 на лица од кризниот штаб во Куманово. Тестирани се 28 лица, за сите резултатите биле негативни. Второто тестирање е направено на 12 април и тогаш се земени 38 брисеви од кои се добиени 5 позитивни резултати и издадени се решенија за 37 контакти“,
посочи Сотирова-Бухова.
Недостатоците кои се констатирани, како што презентираше таа, се што и првото и второто тестирање се спроведени без редовна задолжителна епидемиолошка анкета од страна на епидемиологот. Понатаму, тестирањата во ЦЈЗ се заведени како скрининг, а тоа е спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести (член 27) кој предвидува дека скрининг не може да се изведе без дозвола на министер. Исто така, недоследност е и што брисевите се земени во просториите на Општина Куманово што, нагласува Сотирова-Бухова, е спротивно на протоколите бидејќи секој пункт каде се зема брис мора да има дозвола од Министерството.
Затоа, сега во тек е вонреден стручен надзор во ЦЈЗ.
Вториот инскепциски надзор за Куманово започна откако градоначалникот објави дека со уште еден член на општинскиот штаб биле да се тестираат во приватни клиники во Скопје и добиле негативни резултати. Надзорот опфатил повеќе институции, како Центарот за јавно здравје – Куманово, Итната медицинска помош во Куманово, Одделението за инфективни болести во кумановската болница, матичните ординации, како и трите приватни лаборатории во Скопје.
Надзорот утврдил дека во кумановската болница бил евидентиран итен случај за лицата М.Д. и Г. (немало презиме) за кои бил креиран упат до Клиниката за инфективни болести во Скопје. Но, рече Сотирова-Бухова, во контакт со Клиниката во Скопје било констатирано дека лицата не се појавиле таму. Следејќи ја патеката каде се движеле, рече таа, евидентирано е дека тие биле во приватните установи „Жан Митрев“, „Биотек“ и „Систина“ каде се тестирале, а резултатите потоа ги добиле по и-меил. За разлика од издадениот упатот, во контакт со матичните лекари, пак, било констатирано дека градоначалникот и другиот член на штабот секојдневно биле контактирани од матичните и во ниту еден случај не дале податок дека им е влошена состојбата за да треба да излезат од дома.
Согледувајќи ја ваквата сотојба, ДСЗИ евидентирал два прекршока.
Едниот е што Димитриевски и членот на општинскиот штаб и покрај тоа што имале добиено решение за домашно лекување истото го прекршиле и го напуштиле местото на престој што нагласува Сотирова-Бухова, е спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести и е казниво со 300-600 евра.
Вториот прекршок е утврден кај Итната медицинска помош.
„Кога има решение за лекување во домашни услови, местото може да се напушти само исклучиво во случај на влошување на состојбата кога преку матичен лекар или епидемиолог ќе се контактира Брзата помош која ќе испрати персонал со соодветна заштитна опрема и лицето ќе биде транспортирано до соодветното инфективно одделение или до Инфективната болница во Скопје. Ако лицето има други симптоми кои не се поврзани со ковид-19, истото по ист протокол треба да биде пренесено во градската општа болница ‘8-ми септември’“,
појасни Сотирова-Бухова.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски пред три дена на Фејсбук профил објави дека тестовите кои ги направиле тој и неговото семејство во неколку, како што вели, релевантни лаборатории во државата, и воедно претходно и тестирање од страна на Центарот за јавно здравје во Куманово се негативни и побара од надлежните институции да ги разгледа резултатите од тестирарања и да се побара укинување на самоизолацијата во која се тој и неговото семејство од 16 април кога самиот на Фејсбук објави дека е позитивен на коронавирус.
Од ДСЗИ му одговорија дека според протоколите, тој ќе остане во самоизолација до истекот на 14-те дена од денот кога го добил решението.
Откако Димитриевски објави дека е позитивен на коронавирус, во самоизолација се наоѓаат премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми, кои беа на седница на тамошниот општински кризен штаб.
*Поврзана вест
Димитриевски: ДСЗИ да ни го достави извештајот, тврдам дека Владата го бараше состанокот