Новиот директор, велат во објавата од МКЦ, е дипломиран детектив кој пред два дена е вработен преку агенција за привремени вработувања и нема никакво искуство во културна институција
Досегашниот директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Ванчо Богоев, е разрешен бидејќи не подлегна на притисоците и не сакаше да потпише за вработување на Арбен (Бени) Шаќири, реагираат од МКЦ откако денеска од кабинетот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, објавија дека смениле тројца директори, меѓу кои е и Богоев.
Од МКЦ реакцијата ја објавија на фејсбук-страницата, а потпишана е од програмскиот колегиум, и во неа се наведува дека притисоците ги правел генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
„Деновиве МКЦ повторно е на мета на партиските игри, информација која веќе е пласирана во јавноста. Во попладневните часови вчера, постоечкиот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев, кој 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжи во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири. Бидејќи, сега веќе ексдиректорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и заднина во културна институција“,
велат од МКЦ.
Овој допис, велат оттаму, го објавуваат зашто сакаат да се разјасни ситуацијата, но и бидејќи се сомневаат во законитоста на поставувањето нов директор со одбегнување да се спроведе отворен конкурс.
Покрај за притисоците, оттаму велат дека други лоши вести со кои ја почнале годината е што Град Скопје им го скратил буџетот на само осум отсто од годишниот буџет со кој работеле минатите години.
Во врска со наводите од МКЦ, од кабинетот на Арсовска засега нема став. Во краток телефонски разговор ни одговорија дека „како и за сè друго, ќе излезат со соопштение до јавноста“.
Името на Бени Шаќири се доведуваше во корелација со МКЦ во јуни 2019 година кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а се појавија шпекулации дека музичарот ќе биде нов директор на центарот. Сепак, тој не беше назначен, а претходно преку отворено писмо дел од културните работници се спротивставија Шаќири да застане на чело на МКЦ.
На локалните избори во 2021 година, пак, Шаќири влезе во трката за градоначалник на Скопје, како кандидат на движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ. Во кампањата отворено зборуваше против работата на Шилегов, а откако отпадна во првиот круг, во пресрет на вториот беше на средба со Арсовска.