Според сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер, изнајмувањето е поевтино од користењето на такси-услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра

Од март наредната година ќе почне да се применува услугата за споделување електрични возила откако денеска беше потпишано писмо за намери за поддршка на проектот на словенечката приватна компанија „Авант кар“. Писмото за поддршка го потпишаа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
За користење на услугата ќе биде потребно инсталирање мобилна апликација преку која ќе се наоѓа достапно возило. За изнајмување на електрично возило ќе се плаќа по минута и изминат километар, а плаќањето ќе биде дигитализирано или преку платежна картичка.
Тест-фазата од проектот ќе почне во февруари следната година кога ќе се знае и колку ќе чини изнајмувањето.
Според сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер, изнајмувањето е поевтино од користењето такси-услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра.
Како што најави Чер, за Скопје веќе се подготвени 100-ина електрични возила.
„Автомобилите се подготвени, а се надеваме дека во иднина ќе има и многу повеќе. Услугата за заедничко користење на возила е едноставна. Потребна е мобилна апликација која е и клучот за секој автомобил што ќе биде на улиците. Преку апликацијата се пронаоѓа достапно возило, го резервирате, го отклучувате и го возите. На крајот возилото се остава на утврдено паркинг-место и се заклучува со апликацијата. Плаќањето се врши преку картичка или некој друг дигитален начин“,
рече Чер на денешното потпишување на писмото.
Гази Баба, Аеродром и Чаир ќе бидат пилот-општини каде што ќе биде поставена инфраструктура за полнење на електричните возила, а полначите ќе се напојуваат исклучиво со електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија.
Целта на проектот, како што вели министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, е да придонесе за подобрување на квалитетот на воздух во Скопје, намалување на сообраќајниот метеж и развој на модерни транспортни решенија.
Според Меџити, Скопје мора да направи нешто за да го врати чистиот воздух, здравата животна средина и зелените перспективни, нешта што ги има изгубено.
„Денеска започнуваме нешто за што се надеваме дека ќе остави почисти улици, поздрави граѓани и светла иднина за Скопје. Потпишувањето на писмото за намери претставува конкретна и видлива акција за решавање на еден од најгорливите предизвици со кои се соочуваме, загадениот воздух. Претставува можност за поздраво и поеколошко Скопје“,
рече Меџити.
На овој начин, додаде тој, директно ќе се влијае на намалување на емисиите на ЦО2 и загадувањето, што е и приоритет на МЖСПП, а воедно и граѓаните ќе имаат можност за поекономичен транспорт.
Тој верува дека споделувањето електрични возила ќе биде модел и за другите градови во земјава и ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж.
Министерката Сања Божиновска вели дека овој договор претставува партнерство изградено на иновација, акција и заедничка верба дека јавните институции и приватните компании можат заедно да постигнат одлични резултати.
„Авант кар“, додаде таа, веќе го има докажано трансформативниот потенцијал на своите проекти во Љубљана, Дубровник, Загреб и Виена каде што нивниот систем за споделување електрични возила значително го има намалено сообраќајниот метеж и го подобрил квалитетот на воздухот.
„Нивната иновативна инфраструктура за полнење напојувана со обновлива енергија постави репер за решенија за зелена мобилност“,
рече Божиновска.
Таа додаде дека системот за споделување електрични возила не е само модерен начин на транспорт, туку е и доказ за амбицијата да се усогласи технологијата со одржливоста.
Компанијата „Авант кар“ е присутна на пазарот повеќе од 21 години и работи во Словенија, Хрватска и Австрија. Пред 12 години почна со електрична мобилност и во моментов има повеќе од 10 илјади електрични возила. Со споделување возила е почнато во 2016 година во Љубљана каде што сега тоа е дел од јавниот транспорт и го користат сите слоеви на заедницата.