Според Мицкоски, тоа што се случувало е повеќе од криминал и оти „ова е масовно убиство што некој го дозволувал за пари, за мито, за корупција да се случи“

Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство коешто вчера се обидоа со тие полноќни прес-конференции. Од дома за уши ќе ги вадиме. Тоа треба да го знаат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавата на Мицкоски доаѓа откако синоќа потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми на прес-конференција пред полициската станица „Карпош“ ја обвини актуелната власт дека наместо сплотеност и солидарност покажала политиканство, градејќи преку своите медиуми, наратив дека ДУИ е виновна за сè.
„Очигледно е дека некој не си ја вршел работата и сега се обидува под наводно некаква политизација да ја сокрие криминалната работа која што ја правел изминативе години додека раководел со тaа институција“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Според Мицкоски, тоа што се случувало е повеќе од криминал и оти „ова е масовно убиство што некој го дозволувал за пари, за мито, за корупција да се случи“.
„Да им одговорам на оние што прават полноќни прес-конференции, тука нема политика, ќе одговарате сите којшто сте се дрзнале да водите политика на грбот на граѓаните и на животите кои што овие деца ги изгубија. Нема да има милост од дома ќе ги вадиме. Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство коешто вчера се обидоа со тие полноќни прес-конференции. Од дома за уши ќе ги вадиме. Тоа треба да го знаат“,
рече Мицкоски.
Прашан дали покрај градоначалникот на Кочани кој денеска си поднесе оставка, ќе има и од други функционери што доаѓаат од неговата партија, Мицкоски рече дека тој ќе ја преземе целата одговорност „ако јас сум проблемот во оваа држава“.
„Еве јас ја прифаќам целата одговорност на мене, ако јас сум проблемот во оваа држава, ако е тоа желбата на поединци. Но, нема да го имаат тоа задоволство сега додека не ги поразиме сите оние што на кримнинален начин го направија тоа што го направија, а потоа ќе одиме на избори и граѓаните ќе кажат кој треба да сноси одговорност, а кој треба да заврши во затвор“,
додаде Мицкоски.
Тој додаде и дека градоначалникот без никаква одговорност бил доблесен и поднел оставка велејќи дека ништо не зависи од него во овој случај.