Од денеска стапува во сила олабавувањето на рестриктивните мерки за заштита од ковид-19. Полицискиот час наместо во 16, ќе почнува во 19 часот, а ќе трае до 5 часот наутро.
Повеќе време на движење имаат и лицата над 67 години и малолетници За лицата над 67 години од денеска е дозволено движење секој работен ден од 5 часот наутро до 12 напладне. Младите лица до 18 години, пак, може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот.
Со владината одлука се намалува и ограничувањето на движење за време на викендите.
Отсега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 5 часот наутро.
Во сабота, за лицата над 67-годишна возраст, ќе биде дозволено движење од 5 часот наутро до 11 часот наутро. Младите лица до 18 години, пак, ќе може да излегуваат од 12 до 15 часот.
Додека од една страна ова значи намалување на рестриктивните мерки, од друга имаме повеќе „меки“ мерки за јакнење на личната заштита.
Тие мерки опфаќаат:
-задолжителна дистанца од два метра на затворени и отворени простори;
„Значаен процент од случаите со ковид-19 се асимптоматски, што значи дека лицето кое е пред вас во ред може да е заболено и да не знае, поради што тие 2 метра се потребни за заштита“,
рече премиерот Оливер Спасовски при вчерашното презентирање на мерките.
-носење заштитна опрема на устата и носот;
Тоа би била маска, која може да биде хируршка за една употреба, или памучна за повеќекратна употреба, свилена или памучна марама и други слични прекривки за нос и уста. Така ќе се обезбеди прекин на пренос на вирусот, бидејќи тој се пренесува преку вдишување од непосредна близина. Ова се однесува на сите затворени простори како маркети, банки, пошти јавни простори како затворени и отворени пазари каде нема можност за обезбедување потребна физичка дистанца. Не е задолжително носење маски на отворено кога некој е во двор, на тераса, вози велосипед, спортува или во возило во кое е со лица со кои живее во заедница или во домаќинство.
–забрана за групирање на повеќе од две лица, а во таква група од двајца не се вбројуваат нивните деца под 14 години;
-задолжителна изолација по тестирање.
Сите странски и домашни лица по тестирање влегуваат во задолжително самизолирање до резултатите од тестирањето и оваа мерка ќе се применува до прогласување крај на пандемијата од СЗО.