Николоски најави дека се планира наскоро вакви градски возови да се пуштат до Тетово и до Гостивар
Попладнево во 16:30 часот ќе тргне првиот воз од Скопје до Куманово, најави денеска министерот за транспорт Александар Николоски.
Возот ќе сообраќа двапати дневно, а патувањето ќе трае 41 минута.
Наутро возот ќе тргнува во 6:30 часот од Куманово за Скопје, а попладне во 16:30 ќе се враќа назад и обратно.
„Наутро во 6:30 ќе тргнува од Куманово за да можат сите оние на кои им е потребно да дојдат тука во главниот град . Истиот воз во 16:30 се враќа назад кон Куманово и секако во обратна насока кон Скопје. Значи, ќе имаме четири воза дневно. Ова ќе ја олесни комуникацијата помеѓу овие два града“,
изјави Николоски по денешната посета на „Железници – транспорт”.
Според Николоски, со воведувањето на оваа линија ќе се придонесе за намалување на загадувањето, а ќе има и помалку метеж во сообраќајот и она што е најважно, како што рече, е што точно ќе се знае кога возот тргнува и пристигнува.
Тој додаде дека во одредени делови од денот, по завршувањето на сите процедури, овој воз ќе продолжи и од Куманово до Бељаковце до каде што има железница. Потоа, рече тој, кога ќе биде завршена железницата и до Крива Паланка, во октомври 2026 година, овој воз ќе оперира и до овој град.
Прашан за неактивните линии што ги има и дали се планира нивно враќање, Николоски рече дека се планира овие, како што ги нарече, градски возови да се пуштат до Тетово и до Гостивар.
„Амбиција е да се врати и линијата до Кичево, а потоа и до Штип и до Кочани“,
рече тој.
На прашањето дали се стигнати локомотивите од Србија и дали се пуштени во сообраќај, Николоски рече дека тие се тука од минатата година и дека тоа донело приход на „Македонски железници“ со кој приход „можевме да инвестиравме во ова што го промовираме денес, а постепено ќе користиме целосно домашни, македонски локомотиви“.