„Овде е Мери од Слајс. Имаме нарачка за вас за земање. Сакаат голема затворена пица, со зелени маслинки, феферонки, кулен и италијански колбас. Купувачот остави бакшиш од 5 долари, а целата сума изнесува 16,96 долари. Колку време е потребно за оваа нарачка. 20 минути. Благодарам и имајте убава вечер“.
Вака е 24 часа во кол-центарот на компанијата „Слајс“ во Дебар. Над 10.000 пицерии во САД продаваат пици нарачани токму преку наши оператори.
Започнале пред 8 години со 2 работни маси во Дебар. Прераснаа во бренд со над 400 вработени.
Основачот Илир Села е дебарчанец на печалба во Ветената земја. Таму и ги поставил темелите на „Слајс“, компанија која за кратко време ќе прерасне во препознатлив бренд и на американскиот пазар.
Бизнисот Илир го започнал уредувајќи ги интернет-страниците на негови роднини и пријатели кои имале пицерии во Америка. Откако производите станале видливи, Илир го развил и бизнисот со нарачки преку интернет.
Но, не одело баш толку лесно зашто бизнисот барал голем ангажман и солидно познаење на информатиката.
„Тоа се причините поради кои започнавме да вработуваме луѓе во Дебар уште во 2010 година. Тоа беа луѓе кои дојдоа и направија внес на податоци, ние го нарекуваме внес на менија. Завршија одлична работа, овозможија 24-часовна услуга за клиентите што беше многу тешко да се направи во Њујорк. Затоа започнавме да вработуваме луѓе во Македонија. Но, беше многу тешко да се најдат вистинските членови на тимот, да се најдат вистинските вработени, за да продолжиме да се развиваме. Затоа, Македонија е многу важна за „Слајс“, вели Илир Села – основач на „Слајс“.
Иако од семејството и од пријателите слушнал дека во Македонија тешко се живее, тоа не го пишманило Албан да купи карта во еден правец, и тоа во обратна насока – од САД за Македонија. Сега тој е успешен менаџер на канцеларијата на „Слајс“ во Охрид.
„Го сакаме ова место, ни недостига ова место, мислам дека на сите печалбари им недостига нивната земја и ние само сакавме да се обидеме дали навистина е толку тешко да живееш во Македонија, како што велат луѓето”, вели Албан Османи – менаџер на „Слајс“-Охрид.
Во канцелариите на „Слајс“ во Дебар и во Охрид работат многу млади луѓе, различни по етничка и верска припадност, но сите говорат на еден јазик -англискиот.
Американската компанија „Слајс“, која работи од Македонија и која ги снабдува со храна американските државјани, има над 300 вработени само во Дебар и во Охрид, но истовремено им овозможува на младите луѓе во овие градови многу брзо да напредуваат во нивните кариери.
„Ние инвестираме многу во работниците да напредуваат и да прават различни работи, особено работи кои можеа да ги работат и во другите земји. Сите работи кои ние ги правиме тука, во оваа канцеларија, се работи кои се вршат и во Aмерика. „Аccount menagment“ имаш и во Америка. „Costumer servise“, исто така, имаш во Америка, вели Албан Османи- менаџер на „Слајс“ за Охрид.
Охриѓанката Емилија Петревска е меѓу првите вработени во канцеларијата на „Слајс“ во Охрид. Денеска, од позиција на тим-лидер, ги повикува младите да останат дома и да аплицираат во „Слајс“.
“Јас би рекла дека дефинитивно мора да аплицираaт, затоа што јас не планирав да останам во Македонија, меѓутоа, кога ја најдов оваа работа, мислам дека не би сакала да си отидам на никое друго место затоа што тука има стварно многу можности да се изградиш како личност, како професионалец, затоа што има можност да напредуваш во својата кариера и да научиш многу нови работи каде во некоја друга фирма јас мислам дека нема можност да ги научиш на овој начин”, вели Емилија Петревска – вработена во „Слајс“ Охрид.
Но „Слајс“ не е само кол-центар. Во оваа компанија се работи од маркетинг до сметководство на пицериите кои соработуваат со „Слајс“.
„Навистина канцелариите во Дебар и во Охрид се испостава на нашиот бизнис. Не е кол-центар каде се што правиме е да вртиме по ресторани и да се обидуваме да продаваме. Навистина верувам дека сега ова е можност за кариера на стотици луѓе”, вели Илир Села – основач на „Слајс“.
Бизнисот со продажба на пица во САД е од пред 113 години, за во последните 40 да прерасне во „индустрија“ со обрт во милијарди долари. Но, и таа не е имуна на кризните времиња. Ползувајќи ги новите технологии, и пицериите и рестораните кои соработуваат со „Слајс“ се задоволни вели Албан, посочувајќи дека бизносот на нивните клиенти бележи пораст од 4 до 6 пати.
„Ни се заблагодаруваат дека навистина сме им помогнале за нивните приходи да се зголемат. Имаме многу луѓе, посебно од нашата област тука од Балканот, со кои разговараме и ни велат дека пред „Слајс“ бизнисот бил на ниво кога ризикувале да го затворат“, вели Албан Османи- менаџер на „Слајс“ за Охрид.
„Она што морам да ви го кажам е дека мора да бидете мотивирани и да работите многу, многу напорно. Ако го направите тоа и имате визија и цел и неуморно работите за постигнување на таа цел, мислам дека секој ќе ја има можноста да успее да достигне највисоко ниво“, вели Илир Села – основач на „Слајс“.
Напишете коментар