Алијанса и Алтернатива забележуваат дека кога нивни кадри го воделе секторот култура Албанците биле поддржани до 50 отсто, а Министерството одговори дека токму работењето на Исмаили е сега предмет на истрага на финансиската полиција
Од коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“ велат дека албанската култура е понижена од Министерството за култура бидејќи, според нивните пресметки, во Годишната национална програма албанските културни работници добиле проекти во вредност од 1,5 милион евра од вкупно 8,7 или пресметано во проценти само 18 отсто.
На ова одговорија од ресорното министерство дека нема да навлегуваат во математики на партиите и порачаа дека културата обединува, а не пресметува проценти.
„Воопшто не сме изненадени од објавените скандалозни резултати, кои уште еднаш го потврдуваат нашиот став дека оваа влада, како и во која било друга област, и во културата ја продолжува парадигмата на дискриминација кон Албанците. Со оглед на тенденциозните активности на ова раководство во Министерството за култура од нивното доаѓање во овој ресор, се очекува оваа година во нашата земја да имаме бледа култура и незастапеност на мултикултурната реалност на нашата земја“,
велат од Алијанса и Алтернатива.
Анализирајќи ги резултатите по дејности, тие забележуваат дека, во секоја поединечно, застапеноста на Албанците била мала, за разлика од минатите години кога овој ресор го воделе нивни кадри.
„Генерално, годинава Албанците од Министерството за култура ќе добијат 1 580 680 евра од вкупно 8 770 000 евра. И, ако ова го преведеме во проценти, тогаш можеме да заклучиме дека оваа година Министерството за култура издвои само 18 отсто за албанската култура, што не е ни половина од она што ние го издвоивме за албанската култура минатата година. Значи, албанската култура е толку вредна за министерката Ирена Стефоска, која толку се фали со граѓанскиот концепт. За жал, толку вреди албанската култура и за тие момчиња Албанци кои ја играат улогата на статисти на заменик-министер и државен секретар“,
велат од Алијанса и Алтернатива.
Додаваат дека кога секторот култура го воделе министрите Асаф Адеми и Хусни Исмаили, кадри на Алтернатива, албанската култура била поддржана со 50 отсто од вкупните проекти.
Од Министерството за култура, пак, велат дека лани е направен долг од 3 милиони евра, на штета на културните работници и уметниците, и тоа според нив доволно говори за ланската математика која била правена во Министерството, а сега е предмет на финансиската полиција.
„Министерството за култура останува доследно на ставот дека основни критериуми според кои работеа комисиите, одлучувајќи по пријавите за Годишниот конкурс, беа: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање креативни млади творци, на ранливи и маргинализирани групи, како и реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот“,
се вели во соопштението на Министерството.
