Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 156 нови случаи на Ковид-19, од кои 150 се во хотелот со бегалци и мигранти во надлежност на Меѓународната организација за миграција, додека пак бројот на жртви од коронавирусот во земјата се зголеми на 121 лице, откако починаа уште петмина, јави дописничката на МИА од Атина.
Претставникот на Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, денеска соопшти дека вкупниот број заразени со новиот коронавирус е 2 401 лице, а 59 пациенти се приклучени на апарати.
Досега, во Грција се анализирани 55.666 примероци, 1 322 повеќе од соопштената бројка вчера.
Во однос на хотелот на Пелопонез во кој престојуваат бегалците и мигрантите, професорот Циодрас рече дека биле тестирани 497 лица, од нив 150 (148 бегалци и мигранти и двајца вработени) се позитивни на ковид-19 и сите се асимптоматични.
Хотелот од четвртокот е во карантин, а во поширокиот регион каде што се наоѓа, воведен е полициски час во следните 14 дена.