Од 1 мај се воведува нова електронска услуга. Идните првачиња ќе се запишуваат електронски.
Уписот ќе се врши преку порталот uslugi.gov.mk, каде што родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, ќе се одреди термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето.
За оние родители кои поради каква било причина немаат можност да ја искористат оваа електронска услуга останува можноста за пријавување на првачињата за упис и со физичка достава на документи во училиштето.
Новата дигитална услуга денес ја промовираше министерката за образование и наука Мила Царовска, заедно со претставникот на британската амбасада во Скопје, Ричард Малион, извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска-Сачмароска и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Услугата за електронски упис на првачињата, како што објасни Царовска, ќе значи дека на овој начин родителите и децата ќе треба да одат во училиште само еднаш и тоа на средбата со педагогот.
Покрај за родители, од МОН велат дека дигиталниот упис ќе значи и големо олеснување за администраторите во училиштата бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во системот на Министерството каде се води евиденција за сите училишта во државата. Вработените во училиштата од утре ќе почнат со обуки како да ја користат оваа алатка.
Процесот на дигитализација на услугите во образованието е поддржан од Центарот за управување со промени, Владата на Обединетото Кралство, Британската амбасада во Скопје и Министерството за информатичко општество и администрација.