Зголемување на цената од 1 јануари, како што рече Бислимоски, ќе има и кај евтината тарифа и тоа за 0,9 отсто
На домаќинство што месечно има сметка за електрична енергија од 2 300 денари од 1 јануари следната година трошокот ќе му биде зголемен за 21 денар, информира денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Одлуката што денеска на седница била донесена, Бислимоски рече дека значи зголемување на просечната цена на електричната енергија за домаќинствата за 0,92 отсто.
Зголемувањето на цената по блокови е најголемо во четвртиот блок и тоа за 2,24 отсто. Во првиот блок зголемувањето е за 0,68 отсто, во вториот за 0,9 и во третиот блок за 1,93 проценти.
Зголемување на цената од 1 јануари, како што рече Бислимоски, ќе има и кај евтината тарифа и тоа за 0,9 отсто.
Бислимоски рече дека, согласно барањето што „ЕВН хоум“ го доставила до нив за контрола и разгледување на 5 декември годинава, цената требало да се зголеми за 4,4 отсто.
Единствена разлика, како што рече Бислимоски, меѓу она што е одобрено и што „ЕВН хоум“ го барале била во однос на факторот на корекција.
„Во најголем дел немавме разлики во однос на количините на електрична енергија, трошоците за набавка, за пренос. Единствената разлика што постои меѓу тоа што ние сега го одобривме и тоа што ЕВН го достави е во однос на факторот на корекција што за да обезбедуваме ценовна стабилност и цени што речиси ќе немаат никакво или ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин“,
рече Бислимоски.
Тој додаде дека ова е прва одлука во која го имаат искористено контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
Бислимоски потсети дека со претходната одлука РКЕ ја намалило цената на мрежарината пред се во делот на дистрибуција и тоа овозможило во носењето на сегашната одлука да имаат покомотна позиција.
Со новата одлука, како што рече, на универзалниот снабдувач, кон кого долгот изнесува околу 870 милиони денари, му се враќаат 65 милиони денари и дополнително му се враќаат уште 132 милиони денари од повеќе остварен приход.
Очекувањата на Бислимоски се дека за шест до седум години долгот кон универзалниот снабдувач ќе биде целосно порамнет.
Бислимоски на почетокот на декември најави дека не очекува да има поголемо покачување од еден отсто на просечната цена за електрична енергија за домаќинствата.