Според него, последниот штит во одбрана на поранешната владина коалиција СДСМ и ДУИ се неколкумина обвинители и судии
Очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите што ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекува откако вчера Собранието изгласа недоверба на петте члена на Судскиот совет, како Тања Чачарова-Илиевска, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева.
„Парламентарците јасно им покажаа на тие што ги избрале дека го изгубиле целиот кредибилитет и немаат кредибилитет да бидат на тие места на кои се. Впрочем, тоа тие го докажуваат и со изборот на партискиот врховен судија, како вршител на должноста, кој доаѓа од Демократската унија за интеграција. Знаете како гласаа, не треба да објаснувам“,
рече премиерот при денешната посета во Општина Ресен по повод свечено поставување на камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“.
Според него, последниот штит во одбрана на поранешната владина коалиција СДСМ и ДУИ се неколкумина обвинители и судии.
На прашањето во врска со изборот на нов јавен обвинител, Мицкоски одговори дека сѐ уште не се размислувало.
Пратениците вчера изгласаа недоверба на пеетте члена на Судскиот совет.
Зад иницијативата за интерпелации, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, оти така налага и Законот за Судски совет.