Обвинувањата дека изборниот процес во партијата бил нелегитимен Филипче ги нарече некоректни и потценување на членовите на СДСМ, велејќи дека е навреда некој да смета дека може да им влијае на членовите за тоа како ќе гласаат
„Имам мој автентичен план како ќе ја водам партијата. Но, да го расчистиме тоа прашање. Имам навистина одлични релации со Зоран Заев, но и со сите останати претходни претседатели – Димитар Ковачевски, Радмила Шекеринска, Владо Бучковски. Сметам дека тие луѓе кога ја воделе партијата дале сè од себе и тоа е за секоја почит. Тимот ќе биде нов, млад. Но, секој што смета дека само нови луѓе може да водат партија, навистина сметам дека не се разбира од политика, ниту од водење на партија како институција“, вели Филипче

Венко Филипче, еден ден по партиските избори за претседател, а на кои тој освои најмногу гласови од кандидатите, смета дека целиот процес бил легитимен и оти немало никакви неправилности за време на изборниот ден.
Според Филипче, тој има добиено најголем број гласови споредено со кој било друг лидер на политичка партија. Тоа се должи на тоа што, како што рече, СДСМ е единствена партија во која за претседател гласаат сите членови, а сите други партии имаат делегатски систем на гласање.
„Легитимитетот беше потврден и од наши искусни правници, што беа членови на Централната изборна комисија, која одлично го спроведе целокупниот процес. Во претходните избори никогаш немало толку кандидати, сега бевме четворица. Така да, според мене, легитимитетот е целосно зачуван. Ги следев обвинувањата и изразените сомнежи кои од Централната изборна комисија, по доставувањето на жалбите, беа оценети како целосно неосновани“,
рече Филипче во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Обвинувањата дека изборниот процес во партијата бил нелегитимен тој ги нарече некоректни и потценување на членовите на СДСМ велејќи дека е навреда на членовите некој да смета дека може да им влијае на тоа како ќе гласаат.
„Сите противкандидати загубија и во своите матични општински организации. И јас ја разбирам таа ситуација, знам дека се и емоции во прашање, беше кампања, избори, имаат луѓето различни очекувања. Јас сум човек којшто има многу широк демократски капацитет, спремен сум да трпам критики, да под влијание на критики и други мислења ги моделирам моите политики и моите мислења, да направам една широка платформа“,
рече Филипче.
Прашан за изјавите на неговиот противкандидат Јован Деспотовски дека не може да се зборува за избран претседател со 9 000 гласа и оти на 10 илјади не им било дадено право на глас, Филипче рече дека тоа не е точно повторувајќи дека имало поплаки од 51 член што не можел да гласа, од кои седум приговори биле прифатени.
„Тоа е една бројка на луѓе којашто апсолутно не може да го смени крајниот резултат. Сметам дека е некоректно тоа да се прикажува во јавноста како некоја дамка на целокупниот процес којашто треба да се провлекува и понатаму во оваа ситуација, во којашто имаме многу поважни работи. Сметам дека резултатот претставува една убедлива разлика, навистина не сметам дека е коректно да се фрла дамка не само на процесот, туку и да се биде некоректен и кон членовите коишто излегоа и го дадоа својот глас“,
рече Филипче.
Според Филипче, членовите на СДСМ уште во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори ставиле до знаење како се чувствуваат со тоа осврнувајќи се на малиот број пријавени партиски членови за гласање на внатрешните избори.
„Се соочивме со ситуација и сценарио во којашто околу 20 000 членови се регистрираа да гласаат, и тоа споредено со 80 000 членови е значителна разлика. Меѓутоа за време на кампањите, за време на разговорите изминатите месеци за време на претседателската кампања и за време на парламентарната кампања луѓето ја изразуваа својата разочараност, и луѓето многу отворено кажуваа зошто или нема да излезат на гласање и ќе ги бојкотираат изборите, или, пак, ќе одат и ќе го дадат гласот за некој друг политички субјект. Таа бројка на регистрирани гласачи, наши членови, не треба да изненадува“,
рече Филипче.
За пишувањата на Славјанка Петровска, која се повлече од претседателската трка два дена пред изборите, која рече „се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“ и прашан околу информациите што кружат во јавноста дека ќе ја води партијата „за и на сметка на Зоран Заев“, Филипче рече дека тоа не е точно.
„Имам мој автентичен план како ќе ја водам партијата. Но, да го расчистиме тоа прашање. Имам навистина одлични релации со Зоран Заев, но и со сите останати претходни претседатели – Димитар Ковачевски, Радмила Шекеринска, Владо Бучковски. Сметам дека тие луѓе кога ја воделе партијата дале сè од себе и тоа е за секоја почит. Тимот ќе биде нов, млад. Но, секој што смета дека само нови луѓе може да водат партија, навистина сметам дека не се разбира од политика, ниту од водење на партија како институција“,
рече Филипче.
Тој рече дека како претседател на СДСМ ќе ја води партијата со целокупниот личен интегритет.
„Јас ќе ги носам одлуките, а тоа е поради тоа што одговорноста за целокупната работа на СДСМ и за сите членови е само моја“,
рече тој.
Во гостувањето Филипче рече дека неговата програма е целосно автентична и е базирана на тоа како тој ја перципира промената којашто треба да се случи во партијата. Програмата, рече тој, планира многу интензивно да ја спроведува во следниот период, а во тој процес вели дека ќе бидат вклучени што поголем број членови кои ќе сакаат да учествуваат во градењето на политиките и коишто досега со право забележувале дека политиките се граделе во еден мал круг на луѓе што кај овој дел од членството создавало отпор.
Новиот партиски лидер вели дека најсложената операција во целокупниот овој систем ќе биде реформа на менталитетот во СДСМ. Според него, во партијата има една генерално лоша внатрешна комуникација помеѓу луѓето и една таборизација и затоа предлага многу почести средби на раководството со членството низ општинските организации.