За двајцата осомничени се бара определување мерка притвор поради основано сомнение дека сториле две кривични дела грабнување, од кои едното е во потежок облик бидејќи е сторено спрема малолетно лице

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово поведе истражна постапка против две лица за кои има сомнение дека како соизвршители грабнале две лица, од кои едно дете.
Осомничените на 5 мај наутро, со влечење за раце и рамења грабнале едно лице по што го внеле во нивниот автомобил „бе-ем-ве Х5“, велат од Обвинителството во описот на случајот.
Потоа во возилото физички го нападнале удирајќи го со тупаници по главата и лицето, барајќи од него да каже кои се лицата кои зеле пари од ќерката на еден од осомничените.
„Исплашен од физичкиот напад и ударите, оштетениот посочил две лица и адресите на кои можат да бидат најдени. Кога осомничените се упатиле да го бараат и да прашуваат за првиот од нив, оштетениот успеал да им избега од возилото и да го пријави настанот во полиција“,
велат од ОЈО.
Истиот ден попладне, во близина на зградата на Основниот суд во Тетово, двајцата осомничени извршиле грабнување и на едно од посочените лица кое било шеснаесетгодишно дете.
Осомничените на сила го грабнале и малолетникот и го внеле во автомобилот по што започнале да го удираат со тупаници и да бараат од него да каже зошто ја тепал ќерката на еден од осомничените.
„На детето му го зеле мобилниот телефон и го натерале да го отвори за да му ги прочитаат пораките, а потоа на паркинг го симнале од возилото и продолжиле да го удираат со тупаници и железна палка. Во еден момент малолетникот успеал да им избега и да го пријави настанот“,
велат од Обвинителството во описот на случајот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени поради тоа што се цени дека се сторени две кривични дела грабнување од кои едното е во потежок облик бидејќи е сторено спрема малолетно лице.