Надлежните јавни обвинители во донесените решенија утврдија дека заштитата на правата по донесените и поништените решенија може да се остварат во други со закон регулирани постапки, а не со кривично-правна интервенција
Обвинителството отфрли три пријави во кои цели на барањето за кривичен прогон беа функционери од техничката влада. Во одлуката што ја донесе, Обвинителството констатира дека начинот на кој работи техничката влада е политичко прашање и ги упати подносителите, за спорните прашања, правдата да ја побараат во други со закон регулирани постапки.
Во првиот случај, се работи за кривична пријава поднесена од дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи против техничкиот министер за внатрешни работи за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 3, во врска со став 1 и за несовесно работење во службата од член 353-в, став 1 од Кривичниот законик.
Во пријавата се наведува: „На 08.1.2020 година пријавениот во својство на министер за внатрешни работи издал телеграма до сите организациски единици на БЈБ, сектори за внатрешни работи и регионални центри за гранични работи, со која им наредил на сите раководители неподигнатите решенија потпишани од поранешниот министер кои се уште не биле врачени, да не ги врачуваат, се до добивање на дополнителни насоки, воедно донел 89 незаконски решенија за прераспоредување на раководни работници. Пријавениот иако знаел дека во Одлуката на Владата на Република Северна Македонија од 09.02.2020 година овие решенија биле поништени во целост, на 10.02.2020 година испратил телеграма до сите организациски единици и побарал почитување на неговите поништени решенија, а на 14.02.2020 година издал нови решенија со кои на работните места од раководните работници од МВР кои користеле платено отсуство од работа распоредил работници од времен карактер за замена на привремено отсутните работници, а во месец февруари објавил и интерни огласи за распоредување на работници во МВР, кои одлуки биле само со негов потпис“.
Обвинителството информира дека согласно Законот за кривична постапка биле направени проверки и кај дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи и кај техничкиот министер за внатрешни работи. По целосна анализа на наводите од кривичната пријава, прилозите кон неа и направените проверки, кривичната пријава била отфрлена бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
Во вториот случај, Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас беше оформило предмет против техничкиот премиер, а дополнително, со иста содржина, техничкиот министер за внатрешни работи поднел кривична пријава против техничкиот премиер за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 и фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од Кривичниот законик како и кривична пријава за несовесно работење во службата од член 353-в став 5 од Кривичниот законик. Предметот се однесувал на седница на Владата одржана на 15.02.2020 година кога била донесена одлука за поништување на решенија донесени од страна на техничкиот министер за внатрешни работи за распоредување на вработени во Министерството за внатрешни работи.
И во овој случај, како и во последниот, со кој се решавало по пријава од техничкиот министер за внатрешни работи против техничкиот премиер, која се однесува за поништување на Решението за именување на началник и дополнителен заменик началник во СВР Тетово од 23 јуни Обвинителството ги отфрлило кривичните пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
И во овие предмети, надлежните јавни обвинители во донесените решенија утврдија дека заштитата на правата по донесените и поништените решенија може да се остварат во други со закон регулирани постапки, а не со кривично-правна интервенција.