Предметот е оформен по допрен глас и веќе е распореден кај обвинител кој ќе треба да изврши проверки и да донесе одлука за понатамошниот тек на постапката
„360 степени“ синоќа, во најновата од серијата стории на оваа тема, објави дека во понудата на конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“, а потоа и во договорот со ЈПДП, е наведено дека фирмата преку која ќе помине најголем дел од работата од надзорот – „Електра солушнс“, има 32 „перманентни вработени“ што е во контрадикција со податокот содржан во годишната сметка за 2022 г. каде пишува дека компанијата имала во просек само двајца вработени
Изборот на надзор на изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10-д, ќе биде под лупа на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). По серијата истражувачки објави од медиумите, „360 степени“ денеска го упати следното прашање до ОЈО ГОКК:
„По сите информации објавени во јавноста за тендерот за избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д, дали ОЈО ГОКК ќе отвори предистражна постапка по допрен глас, особено што дел од работите може да се (до)проверат само по институционален пат зашто новинарите немаа пристап до нив?“
Од Обвинителството за „360 степени“ одговорија дека отвориле предмет по допрен глас и дека тој веќе е распореден кај јавен обвинител.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,
велат од ОЈО ГОКК.
Изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ изминатиот период беше една од темите во фокусот на јавноста.
Поради сомнежите што ги отворија новинарските стории и објавите од опозицијата, претставниците на Владата повеќепати досега упатуваа, доколу има нешто нерегуларно, да се пријави во обвинителството. Премиерот Димитар Ковачевски најмалку три пати јавно ги повика и обвинителството и Државната комисија за спречување корупција да ги испитаат сомнежите. Последен пат денеска во Собранието на седницата за пратенички прашања.
„Постапката е спроведена согласно сите закони од страна на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), на Комисијата за јавна набавка која е стручна и која врз основа на понудите има избрано најдобар понудувач. За тоа е водена и управна постапка која е завршена и, исто така, е разговарано по жалби на другите два понудувачи кои учествувале. За сите информации кои се од јавен карактер, а вие (мислејќи на пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ) што ги кажувате, ги кажувате затоа што сите податоци во однос на изборот и на проектантот и на изведувачот и на надзорот се јавно достапни во Бирото за јавни набавки и може да отпочнат какви било постапки. Јас, исто така, по трет пат го повикувам и јавното обвинителство и Антикорупциската комисија да ја спроведат секоја постапка во која имаат надлежност во однос на сите информации кои се достапни, а и веќе сите одлуки кои се носени од страна на Владата ќе бидат доставени сосе материјалите до Антикорупциската комисија“,
рече Ковачевски.
Неговиот повик дојде како одговор на прашање од пратеникот Лефков, кој рече дека првично планирал да го адресира до републичкиот обвинител Љубомир Јовески, но со оглед дека тој не беше присутен во Собранието, го упати кон премиерот.
„Кога го нема јавниот обвинител, ајде Вие директно премиере да ми ги одговорите овие прашања – дали сметате дека треба веднаш да се отвори истрага за надзорот вреден 22 милиони евра затоа што условите под коишто се тендерирани се менувани во сред постапка и за фирма загубар за да може да го добие тендерот. Сомнежи за местење на тендер се изнесувани преку најразлични медиуми, а ги гледаме дека државата и оние коишто треба да се борат против корупција претежно мислев на Јавното обвинителство молчат. И токму поради тоа имаме ниска доверба во Обвинителството“,
праша Лефков.
Прашувајќи зарем нема доволно индикации изнесени од медиумите во врска со изборот за надзор, пратеникот наведе и неколку примери за кои „360 степени“ веќе пишуваше.
Конзорциумот кој победи на тендерот за надзор е предводен од италијансакта „ИРД инженеринг“, а во него сè уште три компании: шпанската „Ептиса“ и двете домашни фирми „Електра Солушнс“ и „Евро консалтинг“.
Договорот за надзор со овој конзорциум, Владата го потпиша на 2 февруари годинава.
Анализирајќи ја достапната документација, „360 степени“ во неколку продолженија досега објави дека, меѓу другото, се предвидени вртоглави суми како месечни и еднократни надоместоци за надзорот. На пример, по 20 илјади евра месечно за главен надзорен инженер, а такви ги има четворица. Исто така, објавивме дека во документите што се јавно достапни нема доказ за 23 од вкупно 81 експерт – која од фирмите добитнички на тендерот или од подизведувачите ги ангажирала. Во последното продолжение емитувано синоќа објавивме оти за „Електра солушнс“, во понудата, а потоа и во договорот, е наведено дека има 32 перманентно вработени лица од кои 27 перманметно вработени инженери, што е во контрадикција со она што го пишува во годишната сметка за фирмата доставена до Централниот регистар, каде е наведено дека во 2022 г. во просек имала само двајца вработени.
- (ВИДЕО) Вртоглави суми за надзорот над „Бехтел и Енка“ – 300 илјади евра по преговарач, 20 илјади евра месечно за надзорен инженер
- Одговорот на „Електра солушнс“ за изборот на надзор над „Бехтел и Енка“
- (ВИДЕО) Нови спорни моменти во надзорот над „Бехтел и Енка“: Фалат клучни документи за 23 експерти
- (ВИДЕО) Фирмата со 27 „перманентно вработени“ инженери во надзорот над „Бехтел и Енка“ има само двајца вработени според годишната сметка за 2022 г.
На темата пишуваа и други медиуми. Алсат М ТВ објави дека за „Ептиса“, која е една од четири фирми во конзорциумот предводен од италијанската „ИРД инженеринг“, првично Владата на 24 ноември 2020 година донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат на тендери над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Меѓутоа, како што објави телевизијата, одлуката потоа била укината на 9 февруари 2021 година.
„Призма“, пак, објави дека еден од сопствениците на домашната „Евро консалтинг“, Бранислав Димитријевиќ, во Ерменија бил ангажиран како тим-лидер во француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“ за голем инфраструктурен проект. Ерменското обвинителство има покренато обвинение за тој проект – „Развој и спроведување патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Димитријевиќ, конкретно, од ерменските власти се гони за кривично дело кое во ерменскиот закон гласи „извршена измама од голем обем“ (член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик на Ерменија).