„Со цел да се овозможи единственост на постапката, Обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30 јули против четворицата претходно обвинети“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство
Истрагата против Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничниот во случајот за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, е завршена, соопшти утрово Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Известувањето за завршената истрага, како што информираат оттаму, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веќе го доставил до првоосомничениот, со што почнува да тече рокот во кој одбраната треба да изврши увид во доказите.
„Со ова тече законскиот рок на одбраната да изврши увид во доказите“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
По завршувањето на оваа постапка и поднесувањето на обвинение против Палевски, Обвинителството ќе бара спојување на овој предмет со обвинението што ОЈО Скопје веќе го поднесе против останатите четворица обвинети во случајот, а по кое Основниот кривичен суд Скопје закажа почеток на судењето за 30 јули.
„Со цел да се овозможи единственост на постапката, Обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30 јули против четворицата претходно обвинети“,
се додава во соопштението.
Од Обвинителството додаваат дека е завршена и истражната постапка за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Станува збор за Стефан Димовски, кој го возел Палевски од Србија преку Бугарија до Турција.
Постапката против ова лице, се додава во соопштението, ќе се води одвоено.
Љупчо Палевски-Палчо на 15 мај беше екстрадиран од Турција. Веднаш по доаѓањето во земјава беше спроведен во истражниот затвор „Скопје“ на издржување на мерката притвор што Судот му ја одреди во негово отсуство.
Палевски откако беше екстрадиран од Турција беше на распит пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Прашан од новинарите пред судот дали ги извршил и дали се чувствува виновен за убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, тој одговори со „не“.
Додека полицијата го внесуваше во зградата, новинарите го прашаа и дали ќе се брани со молчење, тој исто така одговори негативно.
Неговиот одговор гласеше „да“ на прашањето дали има докази со кои може да докаже дека е невин.
Инаку, Палевски како првоосомничен за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава беше лоциран и уапсен во Турција, по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.