Во врска со убиството, од Обвинителството информираа дека е извршен увид на местото во близина на Блаце, каде што бил пронајден застреланиот маж и дека се дадени наредби за прибирање доказен материјал, а за пожарот во угостителскиот објект во Чаир првичните сознанија на ОЈО Скопје и полицијата се дека бил подметнат
Убиството кај Блаце се најде и како повод за партиски „препукувања“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои меѓусебно се обвинуваат за тоа кој создал клима да се случуваат вакви убиства и капацитетите за нивно расчистување
Основното јавно обвинителство Скопје истражува дали има поврзаност меѓу вчерашното убиство на 56-годишниот маж кај скопско Блаце и пожарот во угостителски објект во Чаир неколку часа претходно.
Вчера доцна попладне од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека на патот меѓу Долно и Горно Блаце е пронајдено безживотно тело на маж со прострелни рани. Го пронашол неговиот брат, а дел од медиумите, повикувајќи на свои извори, објавија дека убиениот со иницијали З.Т. е татко на лице осомничено за убиството на Орхан Бајрами-Оки кое се случи минатото лето на Халкидики во Грција и за вмешаност во убиството на Јетон Кривањева-Жила и Енис Исеинов во „Шиша бар“ во Скопје пред една година.
Според медиумите, убиството е дел од пресметката меѓу две скопски криминални банди, кои се борат за превласт на наркобизнисот во главниот град. Известувајќи за настанот, ТВ Телма објави дека неколку часа пред да биде пронајден убиениот маж бил пријавен пожар во угостителскиот објект „Барон“ во Чаир. Името на локалот, како што се наведува, е идентично со називот на една една од ривалските банди меѓу кои се води пресметка.
Какви мерки презема Обвинителството
Од Обвинителството засега нема официјална потврда за ваквите наводи. Во врска со убиството, оттаму утрово соопштија дека јавен обвинител на скопското Основно јавно обвинителство извршил увид на местото во близина на Блаце, каде што бил пронајден застреланиот маж и дека се дадени наредби за прибирање на доказен материјал.
„При увидот подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а јавниот обвинител даде насоки да се извршат проверки и да се преземат дејствија за обезбедување на докази“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Во однос на пожарот во локалот во Чаир, според првичните сознанија на Обвинителството и полицијата, тој бил подметнат.
„Увид извршила увидна екипа на МВР. Подигнати се траги од лице место, обезбедени се снимки од видео надзор. Според првичните сознанија, пожарот е подметнат. Се постапува за откривање на сторителите и за проверка на евентуална поврзаност на двата настани“,
велат од Обвинителството.
Според информациите, жртва на убиството вчера е таткото на Гани Туша, кој бил застрелан додека работел на нива во скопското село Блаце.
Гани Туша е осомничен за убиството на Орхан Бајрами-Оки кое се случи минатото лето на Халкидики во Грција и за вмешаност во убиството на Јетон Кривањева-Жила и Енис Исеинов во „Шиша бар“ во Скопје пред една година, поради што издржува мерка притвор во Скопје.
Тој, како што објави ТВ Телма, е припадник на групата Барон/Беланоца која е во конфликт со групата Дуќанџик/Грчец за превласт на скопскиот наркопазар.
Македонскиот бизнисмен Орхан Бајрами-Оки и неговиот пријател Сеад Слезовиќ беа цел на вооружен напад рано утрото на 15 јули минатата година во вила на Халкидики. Тие беа нападнати во внатрешноста на објектот од страна на две маскирани лица кои дошле до вилата со мотоцикл. Се приближиле до објектот, кој Оки го изнајмувал заедно со пријателите, и испукале најмалку 19 куршуми. Во пукањето беше убиен 39-годишниот Орхан Бајрами-Оки, а неговиот 45-годишен пријател, исто така македонски државјанин, се здоби со повреди.
Пукањето во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи на 6 март лани кога напаѓачи облечени во црна облека налик на униформа, на самото место го убија Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени. По нападот, групата убијци избегала со возило „ауди А6“ кое подоцна беше најдено запалено во Шуто Оризари.
Партиски препукувања
Убиството кај Блаце се најде и како повод за партиски препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои меѓусебно се обвинуваат за тоа кој создал клима да се случуваат вакви убиства и капацитетите за нивно расчистување.
Од СДСМ утрово се огласија преку писмено соопштение во кое велат дека министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски и началникот на Секторот за внатрешни работи Скопје, кадри на ВМРО-ДПМНЕ немаат капацитет да го расчистат случајот.
„Убиство и запалено кафуле во Скопје само за неколку часа. Министерот и началникот на СВР Скопје, кадри на Мицкоски и ДПМНЕ покажуваат голема некадарност во водењето на МВР. Најважното, безбедносна на граѓаните се загрозува со тоа. ДПМНЕ и Тошковски немаат капацитет да го расчистат случајот“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Додаваат оти очекуваат од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието Драган Ковачки денеска да излезе пред МВР и да побара одговорност од Тошковски бидејќи ја направил Македонија како Колумбија во 1990-тите години.
На обвинувањата на СДСМ веднаш возвратија од ВМРО-ДПМНЕ од каде што соопштението на нивниот политички ривал го оценија како срамно, истовремено обвинувајќи дека вчерашното убиство е продолжение на „крвавата наркопресметка на клановите чии грозоморни убиства започнаа во времето кога Оливер Спасовски беше министер за внатрешни работи“.
„Таквата сила на тие кланови доаѓа поради фактот што Спасовски, Заев и Ковачевски го ставија МВР на услуга на криминалците, а со помош на наркоклановите ДУИ и СДС добиваше гласови на неколку последователни изборни циклуси. Застреланиот го нашол братот полицаец чие име се спомнува во структурата на фирмата која продава јаглен на ЕСМ и РЕК ‘Битола’. А, јавна тајна е дека ЕСМ и РЕК се златните рудници каде црпи пари врвот на СДС и ДУИ“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Од партијата велат оти е срамно и се граничи со лудост СДСМ да објавува соопштение во кое обвинува техничкиот министер за внатрешни работи Тошковски за расветлување на убиство, кога, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, се знае дека тие наркокланови претходно се „пушкараа среде Скопје, се убиваа и брутално егзекутираа, а во исто време седеа во скутот на Спасовски“.
„За сите други прашања СДС нека се обрати до нивниот заменски министер во МВР Бојмацалиев, кој веројатно не е зафатен со свечен пречек на пасоши или пак со долг сервилен разговор со неговиот шеф во сенка Оливер Спасовски“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.