Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ивана Трајчева, бара Рашковски за предметот „Софтвери“ да добие затворска казна, обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата, а на двајцата универзитетски професори (еден од нив е Драги Рашковски) да им биде изречена и казна – забрана за вршење на професија, дејност или должност
Обвинителството му предложи на судот обвинетите да ги осуди на казни соодветни на сторените кривични дела, со што ќе влијае како на специјалниот, така и на генералниот план на превенција. Во исто време, јавниот обвинител предложи на двајцата универзитетски професори да им биде изречена и казна – забрана за вршење на професија, дејност или должност со образложение дека професорската професија е една од оние професии во кои граѓаните и општеството треба да имаат сигурност и доверба, а во случајов двајцата обвинети искористувајќи ги своето знаење и вештини, стекнати преку својата позиција, ги користеле за извршување на кривични дела.
Согласно доставеното имотноправно барање од Државното правобранителство на РС Македонија, обвинителството предложи обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата.
Обвинителството во завршните зборови истакна дека преку анализа на сите изведени докази, јавниот обвинител во целост ги прикажал настаните опфатени со предметниот обвинителен акт.
„Сите четири предметни постапки за јавни набавки за кои одлуките ги носел првообвинетиот се незаконски спроведени и доколку не се водеше оваа постапка, софтверот, системот, кабините и камерите ќе останеа засекогаш заборавени, а парите на граѓаните сепак потрошени“,
се вели во соопштението.
Доказите кои биле изведени во текот на постапката, според Обвинителството, го потврдуваат актот со кој Рашковски се товари дека нерационално, неекономично и непродуктивно потрошил речиси над 17 милиони денари од буџетот со цел да се впаричи неговиот патент и систем. Понатаму, се вели, иако секоја од постапките за јавни набавки се различни, во три од нив склучени со различни оператори, само едно правно лице било погодно за сè – а тоа е четвртообвинетиот во случајот, кој уживал најголема доверба од Рашковски и кај кој завршувале голем дел од паричните средства.
„Покрај незаконитите постапки за јавни набавки, во текот на главната расправа, Обвинителството докажа дека дел од обвинетите ангажирани со фиктивни авторски договори, за работи што воопшто не ги извршувале, примале парични средства на име хонорар од кои, во зависност од договорот со првоосомничениот, дел му ги давале нему. Со потпис на првоосомничениот, на име хонорар, биле исплатени вкупно 1.320.000,00 денари, пари на граѓаните, од кои пари со помош на петтообвинетата, завршиле во џебот на првообвинетиот“,
истакна Трајчева.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март 2021 година објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Институцијата надлежна да казнува за сообраќајни прекршоци – МВР, а не Владата, тогаш одговори дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Предметот што го отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потоа се прошири и по завршување на истрагата беше поднесено обвинение кое опфаќа четири набавки, и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Покрај тендерите, дел од обвинението за предметот е и исплата на хонорари.
Рашковски како првообвинет се гони за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.