Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција смета дека постојат основи за сомнеж дека некој му помогнал на ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, да избега од причина што кога го поднеле предлогот за притвор, тој не бил во бегство.
„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, Обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“,
велат од Обвинителството.
Во соопштението што го објавија од Обвинителството, споделуваат и детали околу тоа кога дошле првите информации дека Мијалков се подготвува да бега.
Тие велат кога завршила главната расправа за предметот „Таргет-Тврдина“, за која изрекувањето на пресудата е закажано за 26 февруари, немале никакви индиции дека тој подготвува бегство, но сепак го известиле МВР дека главната расправа е завршена.
„Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, Министерството за внатрешни работи ги сподели со Обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23:00 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12:00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и МВР“,
велат од Обвинителството.
Откако биле завршени административните процедури, околу 14:30 часот обвинителите се упатиле кон судот, а во 15:00 часот го поднеле предлогот на Мијалков да му се одреди притвор.
Откако судот одлучил, Обвинителството го примило решението во 18:45 часот.
Во меѓувреме, обвинителите од МВР постојано добивале информации дека го набљудуваат Мијалков, односно дека имаат визуелен контакт со него, што значи дека не е избеган.
„Околу 21:20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден“,
велат од Обвинителството.
Хронологија на настаните:
18 јануари 2021 – Мијалков побара да одговара за друго дело
Кога даваше одбрана за масовното прислушување и за уништувањето на опремата од УБК, Мијалков ги отфрли сите теории дека е вмешан во незаконското следење, а ако имало пропусти во работата на Управата тогаш, рече, за него како директор би требало да има друга квалификација во обвинението – несовесно работење во службата.
16 февруари 2021 – Обвинителството побара максимални затворски казни
Обвинителката Ленче Ристоска, која го застапува обвинението, во своите завршни зборови не направи преквалификација за ниту еден обвинет, а Мијалков го посочи како еден од тројцата создавачи на групата која го вршела прислушувањето и затоа побара да му се изрече максимална затворска казна.
19 февруари 2021 – Мијалков не даде завршни зборови
Три дена подоцна, и одбраната го искористи своето право на завршни зборови, но ексшефот на УБК тогаш не зборуваше ништо, освен што кратко кажа дека останува на тоа што го кажале неговите адвокати
20 февруари 2021, 23 часот – први индиции за бегството
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги добило првите индиции дека се подготвува бегство.
21 февруари 2021, 12 часот – известување до судот и до МВР
Според информациите од обвинителството, во неделата наутро обвинителите го изготвиле предлогот за определување мерка притвор и во 12 часот ги известиле Основниот кривичен суд и МВР за да се обезбедат услови за прием на предлогот и во 14:30 се упатиле кон судот.
21 февруари 2021, 14 часот – Мијалков во „Дистрикт“
Вчера, околу 14 часот, Сашо Мијалков, според сознанијата на „360 степени“, бил во кафе барот „Дистрикт“ кај хотелот „Мериот“, каде што бил во друштво со ексградоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски.
21 февруари 2021, 15 часот – барање за притвор
Според официјалните информации објавени од судот, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во 15 часот доставило до Основниот кривичен суд барање за одредување мерка притвор поради сомневање за бегство. Таму одлучувал кривичен совет, кој наместо притвор одредил мерка куќен притвор со 24-часовен надзор и видео и електронски надзор.
21 февруари 2021, 18:30 часот – испраќање до МВР
По три и пол часа, откако обвинителството побарало, а судот одлучил, решението за куќен притвор било испратено до МВР.
21 февруари 2021, 21:20 часот – први информации за бегството
Откако полицијата не можела да го пронајде Мијалков, обвинителството во 21:20 часот добило информација дека не може да му се врачи решението, а во 21:47 им било потврдено дека обвинетиот не е пронајден.
22 февруари 2021, 12:54 – меѓународна потерница
Откако беше распишана национална потерница, Основниот кривичен суд во Скопје, неколку минути пред 13:00 часот, соопшти дека дал согласност по Мијалков да се распише и меѓународна потерница.