При претресите, додаваат од Обвинителството, биле одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење

На пет локации во Кочани и во Скопје биле извршени претреси за обезбедување докази во истрагата во врска со пожарот во Кочани, информираат денеска од државното Јавно обвинителство.
При претресите, додаваат од Обвинителството, биле одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење.
„Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица“,
соопштуваат од ЈОРСМ.
За координираната акција на истражните тимови на Јавното обвинителство и полицијата денеска информираа и од Министерството за внатрешни работи од каде што додаваат дека се извршени распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија.
Денеска, „360 степени“, повикувајќи се на полициски извори, објави дека во рамки на истрагата за трагедијата во Кочани, полицијата од утринава врши претреси во другиот објект во сопственост на газдата на таканареченото кабаре „Пулс“.
Најверојатно станува збор за кафулето „Класик“, кое беше демолирано за време на протестите во Кочани на 17 март, еден ден по пожарот во „Пулс“ во кој загинаа 59 лица.
Дополнително, претрес се врши и во службените простории на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во Кочани.