Обвинителството во Прилеп отвори предмет по допрен глас за забавата која во саботата се организирала во еден прилепски локал.
„Во услови на прогласена пандемија од ковид-19, спротивно на законските прописи и пропишаните мерки за заштита, во вечерните часови на 18.07.2020 година, во угостителскиот објект била организирана забава на која биле присутни поголем број посетители. Постапувајќи по оформениот предмет, надлежното обвинителство издаде наредби за утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност, како и за обезбедување докази“,
велат од ОЈО Прилеп.
Објектот како правно лице и одговорното лице се осомничени дека сториле кривично дело непостапување според здравствените прописи.
Вестите за забавите во баровите и ноќните клубови викендов ја брануваа јавноста. За забава во Прилеп, вчера во изјава за „360 степени“ зборуваше и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
Тој рече дека кај нив има пријава за забава во кафе-бар, кој може да работи по одлуката за отворање на угостителските објекти, ама во согласност со протоколите. Но, во локалот во Прилеп била организирана забава без да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Инспекторите не можеле да постапуваат во овој случај затоа што кога стигнале на самото место околу 1 часот по полноќ кафе-барот бил затворен.
Пауновски зборуваше за уште еден случај на базен во Виница, како и за двете забави што се правеа во струмичкиот клуб „Аватар“. Во Струмица сопствениците на ноќниот клуб две вечери по ред правеле забави без дозвола и без почитување на протоколите.