Оттаму додаваат дека се преземаат и други дејствија, а Министерството за внатрешни работи (МВР) работи на откривањето на сторителите
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издал наредби за вештачење на трагите кои биле прибрани од местото на настанот на булеварот „Никола Карев“ или т.н. Пластичарска улица во Скопје, каде што во пукотница што се случи синоќа едно лице е убиено, а две други се ранети.

Како што соопштија утрово од републичкото Јавно обвинителство, се преземаат и други дејствија, а Министерството за внатрешни работи (МВР) работи на откривање на сторителите.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со увидни екипи од МВР, во текот на ноќта вршеа увид на булеварот ‘Никола Карев’ каде што со пукање од огнено оружје беше лишено од живот едно лице, а уште две се повредени. Јавниот обвинител издаде наредби за вештачење на трагите прибирани од самото место, а се преземаат и други дејствија. Министерството за внатрешни работи постапува за откривање на сторителите“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Претходно од МВР за „360 степени“ информираа дека пукањето со огнено оружје се случило синоќа, дваесетина минути пред полноќ, а жртва е дваесет и деветгодишен скопјанец со иницијали А.И.
Тој со уште едно лице на 19-годишна возраст, кое исто така имало повреди од огнено оружје, бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што и покрај укажаната помош починал.
Од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во полиција било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен 24-годишниот Т.А. од Скопје.
„Во 23:51 часот од комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени О.Б. (19) и А.И. (29), двајцата од Скопје, каде што по укажаната помош во 00:45 часот на 27.05.2024, А.И. починал“,
се наведува во информацијата од МВР.