Во однос на пријавените случаи во изминатите денови, Бајрами го посочи случајот во Велес каде што кај две лица беше пронајдено оружје, а се проверуваат и сомневања за изборен поткуп. За едно од лицата е одреден притвор, а за другото предметот ќе оди во редовна постапка. Исто така, додаде тој, известувања за сомненија за поткуп на гласачи се примени и во Охрид и Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства
Денешниот изборен ден на кој се гласа на парламентарните и на вториот круг од изборите за претседател на Република Северна Македонија до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес.
Ова попладнево на прес-конференција го изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, кој е претседател на привремената комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за следење на евентуални изборни нерегуларности.

Ваквата оцена за досегашниот тек на изборниот тек Бајрами, како што рече, е врз согласно податоците добиени од сите основни јавни обвинителства низ државата.
До нив, како и на посебната електронска адреса [email protected], од почетокот на гласањето утрово не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.
Во однос на пријавените случаи во изминатите денови, Бајрами го посочи случајот во Велес каде што кај две лица беше пронајдено оружје, а се проверуваат и сомневања за изборен поткуп.
„Во текот на вчерашниот ден, веќе известивме дека по поднесена пријава во ОЈО Велес со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција беше оформен предмет во ОЈО Велес за две лица. За едното лице веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време, ОЈО Велес веќе презема дејствија за проверка на наводите кои се однесуваат на изборен поткуп“,
рече јавниот обвинител.
Исто така, додаде тој, известувања за сомненија за поткуп на гласачи се примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства.
„Доколку биде поднесена пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејствија на проверки“,
додаде тој.
Бајрами изјави дека привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес. Отворена останува и нивната електронска адреса [email protected] за пријавување на евентуални сомненија за кривични дело кои би можеле да го нарушат текот на изборите.
„И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а тесно се координираме и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“,
рече тој.
Јавниот обвинител Бајрами посочи дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а овие предмети ќе имаат приоритет во постапувањето на јавните обвинителства.
Од Министерството за внатрешни работи, исто така на прес-конференција, денеска информираа дека до 11 часот кај нив биле пријавени случаи на поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место, лепење плакати и расфрлени летоци, како и агитирање во неколку града и села.
Сепак, како што информира помошникот на министерот за односи со јавноста Тони Ангеловски, досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето. односно тоа се одвива мирно и без проблеми.
„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлени летоци на подрачјето на Чаир во Скопје“,
рече Ангеловски.
За сите овие настани, додаде тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Утринава министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по остварувањето на своето право на глас, во изјава за медиумите рече дека вчера имало повеќе незаконити настани кои биле пријавени до МВР, а како примери ги посочи обидите за поткуп со давање бонови за гориво од одредени членови на партија во Крива Паланка, како и злоупотребата на лични податоци и гласачки ливчиња на граѓаните кои биле споделувани во групи со цел информирање на одредена политичка партија за тоа кој го остварил правото на глас и за кого на територија на СВР Охрид.