Од Обвинителството вчера соопштија дека во врска со дејствијата во врска со случајот „Онкологија“ се извршени претреси на три локации, задржани се четири лица и најавија дека се продолжува со дејствијата

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) за денеска најави брифинг со новинарите на кој се очекува основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и надлежниот јавен обвинител Ана Гоговска Јакимовска да се изнесат детали за случајот „Онкологија“. По брифингот, од ЈОРСМ најавуваат дека обвинителката Гоговска Јакимовска ќе даде и изјава.
Вчера Обвинителството соопшти дека во врска со случајот „Онкологија“ се извршени претреси на три локации, задржани се четири лица и најавија дека се продолжува со дејствијата.
Од Обвинителството вчераутро информираа дека преземените дејствија се по налог на јавен обвинител.
Дејствијата кои беа преземени на Клиниката за радиотерапија и онкологија вчера беа во фокусот на јавноста.
По објавата во дел од медиумите дека е приведен ексдиректорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Нино Васев, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија потврдија дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител и оти сите други информации се неофицијални.
Организацискиот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Халид Матоши вчера во изјава за медиумите потврди дека од Клиниката се приведени три лица меѓу кои и поранешниот директор Нино Васев. Од другите двајца, Матоши вели дека едното е медицинско лице од Онкологија, а другото е вработено.
И директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова потврди дека од нивната Клиника вчера се приведени три лица.
Она што таа го потврди е дека универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.
Случајот „Онкологија“ се откри откако неделникот „Фокус“ минатата година објави серија текстови за постоење на разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.
Потоа од Јавното обвинителство потврдија дека има акција на Клиниката и во неа се прибираат докази во рамки на предистражна постапка, а претреси беа направени во два приватни стана, при што беа одземени компјутери и документација.
За случајот „Онкологија“ минатата година имаше неколку протести кои почнаа масовно, со голем број граѓани кои излегуваа, но со секој нареден протест нивниот број беше сè помал.
Собранието на крајот на септември формира Анкетна комисија која требаше да утврди политичка одговорност за скандалот со Клиниката за онкологија и радиотерапија. Пред Анкетната комисија излагање имаа поранешни министри за здравство, актуелни и поранешни директори на Клиниката за онкологија, директори на Фонд за здравство, како и директори на други институции.
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, политичка одговорност ја лоцира кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.