Тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ги критикуваше мерките откако за овие лица немаше притвор
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против четири лица за кривично дело – загрозување на сигурноста од чл. 144 ст. 3 во врска со ст. 2 и ст. 1, како и во врска со чл. 22 од Кривичниот законик.
Се работи за инцидентот во хотелот „Александар палас“ во ноември лани, кој претходеше на пукањето врз сега обвинетите за заканите.
Во соопштението од Обвинителството се вели дека обвинетите, на 30.11.2019 година во хотелот „Александар палас“ во Скопје, заедно ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници кои вршеле службено дејствие – легитимирање. Тие започнале вербална расправија со полицајците упатувајќи им погрдни и заканувачки зборови кои содржеле сериозна директна закана по нивниот живот и нивните претпоставени. Обвинетите се јавувале и кај нивни блиски лица и ги повикувале да дојдат во хотелот и да се пресметаат со оштетените.
Кон тројца од обвинетите сè уште се активни мерките за претпазливост определени од судијата на претходна постапка на предлог на јавниот обвинител: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна исправа и забрана за издавање нова, повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетените.
Еден од обвинетите сè уште не им е достапен на државните органи. Обвинителството ќе одлучи какви мерки за обезбедување на неговото присуство да предложи откако тој ќе стане достапен на органите на прогонот. За пукањето во хотелот што следуваше неколку часа по заканите, ОЈО соопшти дека сè уште не е утврден идентитетот на оние што пукале кон сега обвинетите лица.
Спасовски ги критикуваше мерките на претпазливост
На крајот на ноември во скопскиот хотел МВР регистрираше два инцидента. Во првиот една група упатувала закани по живот на 11 полицајци кои сакале да ги легитимираат. Во вториот инцидент неколку часа подоцна, друга група пукала кон групата која претходно ѝ се заканувала на полицајците.
Првично, МВР поднесе кривични пријави против четири лица од кои тројца беа и приведени, а се дел од групата која им се заканувала на полицајците. Тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ги критикуваше мерките откако за овие лица немаше притвор.
Една недела по инцидентите во „Александар палас“, на 7 декември, МВР спроведе полициска акција во Скопскиот Регион и приведе десет лица од Арачиново и Грчец. Како што соопштија тогаш на прес-конференција, дел од приведените беа за кривични дела поврзани со дрога и со оружје, а дел за инцидентот во познатиот хотел.
Тогаш, од Министерството се поднесе кривична пријава само против едно лице за оружје. За него обвинителството бараше притвор, а судот одреди поблаги мерки на претпазливост. Меѓутоа, за другите девет лица од МВР до обвинителството воопшто не пристигнала кривична пријава.
„Во однос на другите лица лишени од слобода, од МВР до Основното јавно обвинителство Скопје не беа поднесени кривични пријави, туку беше поднесено едно известување за одземени предмети и за обезбедени траги од лице место, за кои дежурен јавен обвинител веднаш истиот ден, согласно Законот за кривична постапка, издаде наредби за вештачење до МВР – Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења. Обвинителството, како орган на прогон, по евентуално дополнително поднесени кривични пријави, поткрепени со докази обезбедени на законит начин, ќе постапи согласно своите законски надлежности“, соопштија од Обвинителството пред четири дена.
„360 степени“ постави и прашања зошто нема кривични пријави, но од МВР не добивме одговор.