Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека работат на целосно расчистување на случајот со пукањето во скопскиот хотел „Александар Палас“ и оти веќе имало неколку приведувања, но за мерките кои биле определени за тие лица рече дека воопшто не се ни мерки.
„ Ако погледнете за какви луѓе станува збор, тоа воопшто не се мерки. Кога ќе подготвите тимови и голем дел на инспектори ќе работат на расчистување на одреден случај и ќе утврдат аргументи и факти кои ќе ги достават до Јавното обвинителство и ќе ви кажат нека оди по редовна постапка, тогаш навистина се прашуваме зошто толку труд и енергија се вложува и кого тоа ние штитиме“, изјави Спасовски, посочувајќи дека изминатите денови е откриена и криминална група во Куманово која проневерила 12 милиони евра, а за ниту еден член на групата не е одредена мерка притвор.
„Не знам зошто одредени обвинители во обвинителствата во земјава постапуваат на таков начин“, праша Спасовски.
Ова не е првпат министерот да реагира за работата на обвинителите или судиите, а конкретно за случајот со пукањето во „Александар Палас“ тој веќе имаше слични реакции.
Пред точно две недели во скопскиот хотел МВР регистрираше два инцидента. Во првиот една група упатувала закани по живот на 11 полицајци кои сакале да ги легитимираат. Во вториот инцидент неколку часа подоцна, друга група пукала кон групата која претходно се заканувала на полицајците.
Првично МВР поднесе кривични пријави против четири лица од кои тројца беа и приведени, а се дел од групата која им се заканувала на полицајците. Реакциите на Спасовски дојдоа откако за овие лица немаше притвор.
Една недела по инцидентите во „Александар Палас“, на 7 декември, МВР спроведе полициска акција во скопскиот регион и приведе десет лица од Арачиново и Грчец. Како што соопштија тогаш на прес-конференција, дел од приведените беа за кривични дела поврзани со дрога и со оружје, а дел за инцидентот во познатиот хотел.
Тогаш, од министерството се поднесе кривична пријава само против едно лице за оружје. За него обвинителството бараше притвор, а судот одреди поблаги мерки на претпазливост. Меѓутоа, за другите девет лица од МВР до обвинителството воопшто не пристигнала кривична пријава.
„Во однос на другите лица лишени од слобода, од МВР до Основното јавно обвинителство Скопје не беа поднесени кривични пријави, туку беше поднесено едно известување за одземени предмети и за обезбедени траги од лице место, за кои дежурен јавен обвинител веднаш истиот ден, согласно Законот за кривична постапка, издаде наредби за вештачење до МВР – Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења. Обвинителството, како орган на прогон, по евентуално дополнително поднесени кривични пријави, поткрепени со докази обезбедени на законит начин, ќе постапи согласно своите законски надлежности“, соопштија од Обвинителството пред четири дена.
„360 Степени“ постави и прашања зошто нема кривични пријави, но од МВР не добивме одговор.