Случајот со месеци предизвикуваше внимание во јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот
Институционалниот дебакл продолжи кога Општината Чаир распиша тендер за да го урне објектот, но ниту една фирма не се пријави
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против сопственикот на објектот пред трговскиот центар „Мавровка“ кој лани летото започна да се гради на местото на кафулето „Фонтана“ кое изгоре во пожар.
Тој се товари за за кривично дело бесправно градење од член 244-а, став 1 од Кривичниот законик.
Се работи за објектот кој во текот на јуни и јули лани почна да се гради на површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, без да има одобрение за градба, каде што обвинетиот се јавува како инвеститор.
Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ со месеци предизвикуваше внимание во јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот што почна да се гради веднаш по пожарот во кој изгоре кафулето „Фонтана“.
Институционалниот дебакл продолжи кога Општината Чаир распиша тендер за да го урне објектот, но ниту една фирма не се пријави за да ја изврши работата. Така, објектот стана „национален приоритет“ и симбол за решеноста на новата влада да се бори против криминалот. Лично премиерот Зоран Заев најави дека објектот ќе се руши, а насоките за тоа беа донесени на владина седница.
За претходно изградената дивоградба, сопственикот на објектот доби кривична пријава од Министерството за внатрешни работи за бесправно градење, за што полицијата му реферираше на обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител бара од Судот да ги продолжи мерките на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и повремено јавување кај службено лице во Основниот кривичен суд, кои му се изречени на сопственикот за да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката.
Како што веќе објави „360 степени“, четири месеци по уривањето на дивоградбата, на местото каде што беше кафулето „Фонтана“, од неодамна повторно „никнаа“ столбови. Но, разликата сега е што тие не се армирано-бетонски, туку наликуваат на метални профили.
Од Општина Чаир ни изјавија дека сопственикот има право, согласно првично поднесениот проект, на просторот да постави лесна конструкција.
„Согласно законот за градење, согласно проектот, сопственикот има дозвола да го врати објектот во првобитната состојба. Нема бетон, столбовите не се бетонски, тоа е лесна конструкција“,
велат од Општината.