Нема абер од ветените нови згради за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Факултетот за драмски уметности (ФДУ)
Додека надлежните тврдат дека прават анализи – што и како треба да се гради и доградува, високообразовните институции меѓу кои се и оние за кои има најголем интерес од младите, со години мака мачат да организираат редовна настава бидејќи им недостасува и простор и кадар
Онлајн-наставата која ја наметна ковид-кризата, на дел од факултетите во земјава им дојде како олеснување, бидејќи секоја година кубурат со простор за организирање на настава за студентите. Но, од наесен, ако епидемиолошката состојба е мирна и студентите повторно се вратат на настава со физичко присуство, пак ги чекаат истите проблеми, бидејќи изградбата на најавуваните нови факултети нема мрднато од мртва точка.

Статус кво во кампусот на УКИМ
„Внимание, градилиште“ – ваков знак повеќе од пет години стои како предупредување пред влезот на Универзитетскиот кампус „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На градежната табла се нацртани двете барокни згради во стилот на „Скопје 2014“, во кои според плановите на претходната власт требаше да учат идните информатичари и фискултурци.
Но, наместо нови објекти, некогашниот зелен појас во кампусот на УКИМ со години изгледа како градежен базен. Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје никогаш не ги дочекаа новите објекти, бидејќи градежните активности одамна се стопирани.

Изградбата започна на крајот од 2015 година и беше проследена со низа контроверзи – од изборот на фирмата изведувач, до дозволата за градба и изборот на локацијата за новите факултети со барокно руво. Фирмата „Бетон-Штип“ која за изградба на факултетите во 2019 од Министерството за образование и наука (МОН) доби тендери во вредност од 20 милиони евра замина во стечај.
Од МОН тогаш посочија дека „Бетон-Штип“ не им останал должен, бидејќи навреме го поништиле договорот, откако не бил испочитуван рокот од 3 години за изградба на објектите.
Тогашниот министер за образование Арбер Адеми во изјава за „360 степени“ во декември 2019 година рече дека парите од буџетот биле исплаќани по завршување на секоја градежна ситуација. Според сработеното, МОН за ФИНКИ исплатил 1 750 000 евра од предвидените 13 милиони или за околу 14 отсто од изграденото. За Факултетот за спорт, пак, реализацијата била 16 отсто, па од предвидените 7 милиони евра досега биле исплатени 1 150 000. Тоа што не е потрошено, Адеми најави дека ќе се пренамени за доизградба на објектите во предвидената динамика.
Но, оттогаш досега МОН нема спроведено јавна набавка и нема продолжено со градба. На прашањето зошто – од таму велат:
„Во моментот се прави анализа на проектната документација со цел да се утврди точен пресек на изведените работи и градежните работи со цел целосно завршување на објектите. По направениот пресек на изведени/ планирани работи ќе се утврди и временската динамика за завршување на објектите, по што ќе се објави и повеќегодишна јавна набавка, за која во буџетот на МОН само за 2021 година предвидени се 20 милиони денари“,
велат од МОН.
Додека се прават анализи што е сработено и што треба да се догради студентите ќе продолжат да учат по старо.
На ФИНКИ нема услови за нормална настава
Од ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, не добивме став за актуелната состојба со ветените факултети, со образложение дека е на одмор. Без коментар останаа и од Факултетот за физичко образование и спорт од каде пред пет години гласно за залагаа за изградбата на барокните факултети.
Од ФИНКИ пак, алармираат што поскоро да се продолжи со градба.
„За нас ова е разочарувачки. Не гледам поблагородна работа отколку државата да вложи во образование. Мислам дека објектот треба да се доврши, не за нас, туку за 5 000 студенти на ФИНКИ. Тие заслужуваат подобри услови за едукација“,
вели деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев во изјава за „360 степени“.
Чорбев потенцира дека функционираат на граница на издржливост. Им недостасуваат простории за да ги задоволат потребите на студентите.
„Страшно жално е како тоа стои така со години. Јас молев и апелирав да се продолжи со градба. Фирмата банкротираше, коронавирусот дополнително ги одложи работите. За објектот на ФИНКИ остана да се стави уште една покривна плоча и внатре да се доработи. МОН треба да објави нов тендер и да се продолжи таму каде што се застана“,
вели Чорбев.
Извиси и ФДУ, во објектот изграден за нив нема услови за работа-ќе се гради нов
Освен за факултетите за физичко образование и за информатички науки, нов објект беше ветен и за Факултетот за драмски уметности, чии студенти учат во дотраени бараки од пред неколку децении.

За изградба на барокната зграда кај црквата „Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје во која требаше да бидат сместени Факултетот за драмски уметности и неколку државни институции се потрошија околу 25 милиони евра. Зградата, која е на осум ката, почна да се гради во 2012 година. Зградата е изградена, училниците постојат, но таа се уште не му е предадена на ФДУ.
Пред две години, од владината Служба за општи и заеднички работи која е инвеститор на проектот за „360 степени“ кажаа дека проблем било што не можело да се направи технички прием поради серија недостатоци и немањето на имотен лист за зградата да се предаде во владение.

Две години подоцна има сосема нов план за ФДУ. Директорот на Службата, Пеце Мирчевски, вели дека со Факултетот за драмски уметности се договориле да се гради нова зграда кај постојните бараки, бидејќи постоечката не ги задоволувала потребите на факултетот.
„Ние се договоривме дека зградата ќе ја пренамениме за други државни институции и за тоа имаше и одлука на Влада. Причина беше што таа зграда за нив беше неупотреблива. Беше многу голема, со високи комуналии и беше несоодветна. Да имаш во едно место институции како Финансова полиција, Агенција за финансиско разузнавање и студенти не е соодветно, ниту безбедно. Се согласивме да се гради нов објект кај бараките на ФДУ. Таму треба да се расчистат сите имотно правни односи и се е тоа под капа на МОН“,
вели Мирчевски во изјава за „360 степени“.
Деканката на ФДУ, Мими Таневска-Србиновска, вели дека одлука за да се гради нова зграда кај постојните бараки е донесена од лани во септември во разговори со МОН. Таа посочува дека барокната зграда ги немала основните работи потребни за факултетот нормално да функционира – од елетрика, до према на сцена, студија итн…
Сега се чека да се почне со градба на локацијата каде што се сместени бараките на ФДУ, но и за тоа ќе треба време, бидејќи како што посочуваат од факултетот, за ова место нема постоечки Детален урбанистички план. Па за да се почне со некакви активности треба да се донесе нов план, па да се распише конкурс за идејно решение и избор на изведувачи за градба.
„Во соработка со МОН со консултации, утврдени се потребите на факултетот и се чека ДУП-от од Општина Карпош за да може да се распише јавен повик за изработка на идејно решение. Последната информација е дека Општина Карпош ќе отвори постапка за ДУП. Тоа трае долго и се надеваме дека ќе биде со некоја поголема динамика. Ние искрено се надеваме дека до в година ова време планот ќе биде донесен за да може да се распише јавниот конкурс за идејно решение, а в година да се распише конкурс и тендер за основен проект и изградба. Ние бевме на неколку разговори со министерката за образование и задоволни сме од комуникацијата. Таа е отворена за секакви прашања и се надеваме дека и ова ќе биде завршено во најкраток можен“,
вели Таневска-Србиновска.
Додека раководството на ФДУ се надева на забрзана динамика за изградба на нова зграда, од МОН не откриваат детали за текот на процесот.
„Во моментот течат консултации помеѓу МОН, општината и ФДУ за дефинирање на потребните чекори и постапки“,
кусо одговорија од МОН на прашањето до каде е постапката за изградба на нов објект за ФДУ.
Организирањето настава како „мал подвиг“
А додека не заживеат ветените нови објекти, факултетите и натаму мака мачат да спроведат нормална настава за студентите. На пример, од факултетот за драмски уметности велат дека се приморани, освен за актерска игра, за сите други студиски програми да запишуваат студенти еднаш на четири години, поради ограничените просторни капацитети.
„Капацитетот едноставно не одговара, се е руинирано и потребен е многу поголем простор. Интересот за студирање кај нас е навистина голем и треба да ги прошириме просторните капацитети. Постои интерес од наша страна и за отворање нови студиски програми, но сето тоа е врзано со простор, со опрема, но може да се каже дека последните неколку години имаме разбирање од МОН и по однос на вработувањата, од каде претходно со години не добивавме дозволи за вработувања. Почнува да се надминува тој проблем. Така што, со новиот објект и со вработувањата кои се надеваме дека ќе продолжат, ќе можеме на нашите програми да запишуваме студенти секоја година и да отвораме нови програма за кои очигледно е дека има интерес и потреба“,
вели таа.
Таневска-Србиновска вели дека изминатиов период успеале да реновираат дел од тоалетите на факултетот и се надева дека МОН ќе има слух да помогне да се создадат достојни услови за настава додека не се изгради новиот објект. Во време на ковид-кризата, пак, како алтернативен простор, вели дека направиле летна сцена за студентите.
„Нашиот двор и летната сцена многу ни помогна во услови на пандемијата…Се надеваме дека изградбата на новиот објект ќе оди со некоја засилена динамика, бидејќи тука просторот е совршен за таа намена“,
вели таа.
Студентите на ФИНКИ пак, одат на настава и во различни простории, како на машинскиот факултет и на технолошко-металуршкиот факултет.

„Таму беше тесно и без нас, а не па сега…Мал подвиг е да се направи распоред за часови. Сакаме да организираме семинари на претприемништво и тн. Немањето на простор не ограничува. Навистина е жално, ФИНКИ е најголемиот факултет во државата, запишуваме една петтина од студентите на УКИМ, а немаме објект.“,
вели деканот Чорбев.
И Чорбев вели дека факултетот со свои средства успеал да реновира дел од просториите кои што ги користи и да направи компјутерски центар, но потенцира дека нивните капацитети се ограничени. И тој вели дека ковид-кризата на некој начин била олеснување за раководството и за студентите, бидејќи наставата се одвивала онлајн. Но, од наесен доколку треба да се учи по нови протоколи за заштита од ковид-19, вели дека ФИНКИ тешко би се прилагодил на новите правила.
„Сега со пандемијата малку се подзаборави на проблемот со оглед на онлајн наставата, но ако есенва сакаме да има настава ние не можеме да ги задоволиме ниту протоколите, бидејќи немавме доволно столчиња за студентите ни претходно“,
вели деканот на ФИНКИ.