Првичните информации со кои располага Основното јавно обвинителство Скопје се дека 35-годишното лице било убиено, а пожарот бил подметнат за да се прикрие кривичното дело
Обдукцијата на телото на починатото лице кое вчера беше пронајдено во стан што изгоре вчера утрото во скопската населба Хром покажала дека смртта на 35-годишникот била насилна со убодни рани кои претходеле на пожарот. Од МВР и ОЈО Скопје велат дека допрва ќе се истражува што претходело на убиството и кој е одговорен за случајот.
„Првичните сознанија упатуваат дека пожарот бил подметнат за да се прикрие кривичното дело. Во текот на денешниот ден, во координација со МВР, се преземаат и други дејствија и се издаваат наредби за целосно расчистување на настанот“,
велат од Обвинителството.
Граѓаните кои живеат во околината за ТВ Канал 5 велат дека починатиот бил повлечен човек, кој живеел сам и повремено правел забави во станот, а нивните сомнежи се дека убиството се случило бидејќи најверојатно мажот должел пари на лихвари. Дополнително, велат дека вчера наутро околу 6 часот се слушало како две лица се расправаат во станот, по што следувала бркотница со ножеви. Потоа, станот бил и опожарен. Скопските пожарникари добиле пријава во 9:35 часот, а по гаснењето, го нашле телото на починатиот.
„Интервениравме со три противпожарни возила, а гореше на четвртиот кат од петкатницата. Затекнавме целосно опожарен стан, со пламен кој излегуваше надвор од прозорците“,
изјави за МИА командантот на скопската Противпожарна единица, Звонко Томески.