Пред Обама само еден американски претседател се закитил со ова признание, но во тој случај станувало збор за почесна награда за првата одржана телевизиска прес-конференција
Со добивањето на Еми, Обама е на половина пат да се стекне со статусот ЕГОТ – некој што освоил Еми, Греми, Оскар и Тони. Во историјата тоа им успеало само на 17 луѓе
Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, ја освои американската телевизиска награда Еми за најдобар наратор за документарната серија „Нашите големи национални паркови“, објави Американската телевизиска академија.
Станува збор за серија на Нетфликс, а зад која стои продукциската куќа на Обама, „Higher Ground“, која тој и неговата сопруга Мишел ја основаа по напуштањето на претседателската функција во 2017 година. Потоа склучија договор со Нетфликс за кој се вели дека вреди дестици милиони долари.
Документарната серија „Нашите големи национални паркови“, во кој тој е наратор се состои од пет дела и ја прикажува природната убавина од пет континенти, вклучувајќи и локации како Патагонија и Индонезија.
Конкуренција на Обама за најдобар наратор му беа и Дејвид Атенбро, Лупита Нионго и Карим Абдул-Џабар.
Доделувањето на Еми наградите е закажано за 13 септември, но Американската телевизиска академија дел од добитниците ги објавува претходно.
Обама е вториот претседател кој освоил Еми. Единствениот кој се закитил со ова признание бил Двајт Ајзенхауер во 1956 година, но во неговиот случај станувало збор за почесна награда бидејќи станал првиот претседател што одржал телевизиска прес-конференција.
Обама досега има освоено и две Греми награди за аудио верзиите на неговите мемоари: „The Audacity of Hope“ и „Dreams from My Father“. Со добивањето на Еми тој е на половина пат за да се стекне со статусот ЕГОТ – некој што освоил Еми, Греми, Оскар и Тони.
Ваков статус досега стекнале само 17 луѓе, вклучувајќи ги Мел Брукс, Вупи Голдберг, Одри Хепберн и Џенифер Хадсон.