Се надевам дека успешната приказна за заштитено Осогово ќе биде добар пример и за другите процеси што ги водиме во моментот, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини при посетата на Пониква, во врска со прогласувањето на Осоговските Планини за заштитено подрачје.

„Го заштитуваме богатиот биодиверзитет и пределската разновидност, но отвораме и нови можности за одржлив развој на локалната економија. Осогово е посебно од повеќе аспекти, вековната интеракција меѓу човекот и природата резултира со појава на уникатни предели, а мотото на кампањата ‘Осогово – и лично и различно’, што го следеше процесот на прогласување за заштитено подрачје, тоа најдобро го покажува. Денеска можеме да видиме што значат инвестициите во еко-системите и како од тоа корист имаме сите“,
рече Нуредини.
Тој најави дека во тек е постапка за заштита на Водно, Матка, Студенчишко Блато и други локации во земјата, како и процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, што ќе отвори можности и пристап до фондови, ќе обезбеди инвестиции, а преку зачувувањето на природата ќе се овозможи еколошки развој за тамошното население.
Заштитата на животната средина е еден од приоритетите на Владата за 20121 година содржан во планот „Акција 21“ што го промовираше премиерот Зоран Заев.

Тој, покрај она што го објави министерот Нуредини, содржи и Програма за намалување на аерозагадувањето со 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило, продолжување на инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење, со што до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси, како и зголемување на процентот на заштитени природни подрачја.
