Преку интензивирање на прекуграничната соработка со Албанија и Грција со користење на сите расположливи дипломатски канали ќе се спасува Преспанското Езеро. Предвидено е и формирање на прекугранично трилатерално координативно тело за управување и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро, туку и целиот екосистем на Езерото.
Ова денеска го најави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на вонредната средба помеѓу градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски и претставници на научните институции, експерти и заинтересирани страни за надминување на состојбата со драстично намалување на нивото на Преспанското Езеро.
На средбата се договориле дека заштитата на Преспанското Езеро е процес на кој иако и досега се работело, за да се добијат видливи резултати потребно е преземање долгорочни, добро координирани, континуирани и финансиски покриени мерки.
„Она што може да се направи веднаш, е во најкус можен рок да се формира експертска работна група, која ќе ги прибере и обработи сите постоечки податоци, и ќе даде научна проценка за причините за драстичното намалување на водостојот на Езерото“,
соопштија од МЖСПП.
Групата ќе испита и ќе даде мислење дали покрај природните причини како долгиот сушен период кој се одрази врз нивото на водите, не само на ова езеро туку воопшто на водотеците во државата, има некои посериозни влијанија предизвикани од човечкиот фактор. Придонес ќе се бара и од Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство.
„Пред сè, неопходно е да се испита и да се дадат првични индикативни сознанија за можното влијание на земјоделието и користењето на бунарите за наводнување на земјоделските насади во оваа област. Истото ќе се испитува и во соседните држави“,
информираат од МЖСПП.