Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година и ќе биде во шест инвестициски фази, од кои првата изнесува приближно 55 милиона евра
Предлог-проектот за стратегиска инвестиција во ски-центарот Попова Шапка доби зелено светло на денешната владина седница, информираат од Министерството за животна средина. Оттаму посочуваат дека станува збор за голем инвестициски проект со кој ќе бидат заштитени природните вредности, а истовремено ќе се обезбедат и услови за социо-економски развој.
„Со задоволство најавуваме дека имаме сериозен понудувач за развој на ски-центарот Попова Шапка. Тргнувајќи од фактот дека туризмот на македонските планини иако доживува позитивен тренд, има силна потреба од масовно реновирање на постоечките капацитети за да ги исполни тековните стандарди за квалитет што ги бара пазарот, инициравме физибилити студија за проект за реновирање на ски центарот Попова Шапка. Попова Шапка во едно минато време беше предизвик за врвни имиња на зимските спортови, но за жал долгогодишното неинвестирање доведе до сериозно заостанување и неискористеност на многубројните можности и капацитети за развој на туризмот што го нуди овој планински локалитет високовреднуван и на европско и на светско ниво“,
изјави министерот за животна средина Насер Нуредини.
Понудата дошла од европска компанија од Јужен Тирол, „Техно Алпин“ која е светски лидер во производство и инсталирање системи за вештачки снег, признаен експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони и со 30-годишно искуство, 16 зависни друштва низ светот и 600 вработени, посочи Нуредини.
„Оваа компанија, по направеното истражување, понуди амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка кој се карактеризира со модернизација на постоечката ски-зона и нејзино територијално проширување, подобрување на примарната инфраструктура неопходна за развој на областа, со квантитативни и квалитативно подобрување на туристичко-сместувачката дејност, со вклучување нови капацитети за приспособување на туристичката понуда на актуелните барања на туристичкиот пазар и проширување на истата“,
рече министерот.
Тој објасни дека станува збор за стратегиско партнерство со ски-центарот Попова Шапка со амбициозен проект чија вкупна вредност изнесува 186 милиони евра и кој вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување систем за правење снег, проширување на постојната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите, изградба на нови хотелски капацитети, изградба на асфалтни паркиралишта, велосипедски патеки и креирање други рекреативни активности, со што овој центар ќе доби можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.
Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година и ќе биде во 6 инвестициски фази, од кои првата изнесува приближно 55 милиона евра.