Рускиот претседател Владимир Путин денеска го предупреди својот француски колега Емануел Макрон за потенцијатлна катастрофа доколку продолжат украинските напади врз нуклеарната централа „Запорожје“ која е под контрола на Русија.
Во телефонски разговор, двајцата лидери изразиле подготвеност за „аполитична интеракција“ со учество на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), а Путин на Макрон му порачал дека честите украински напади на централата може да имаат катастрофални последици.
„Руската страна информираше за редовните украински напади врз електраната, вклучително и врз складиштето на радиоактивен отпад, што може да резултира со катастрофални последици“,
се вели во соопштението од Кремљ.
Најголемата нуклеарна централа во Европа е една од главните точки каде се одвиваат битките помеѓу руските и украинските сили, со што беше вклучен алармот за потенцијала нуклеарна несреќа. Путин неколкупати повтори дека руските специјалисти се обидуваат да воспостават ред и безбедност и кажа дека Москва е спремна да продолжи да работи со агенцијата за атомска енергија од ООН за да се изнајде решение.
Русија и Украина се обвинуваат меѓусебно за ракетирање на централата, ризикувајќи нуклеарна катастрофа, а работата на електраната денеска беше целосно прекината од безбедносни причини.
Пладнево пак, од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопштија дека на нуклеарната централа ѝ е обновен резервниот далновод и сега ја обезбедува надворешната енергија што и е потребна за ладење на реакторите.
„По вчерашното обновување на далноводот… операторот на нуклеарната централа Запорожје утрово го исклучи последниот оперативен реактор, кој изминатава недела ја обезбедуваше електричната енергија што ѝ требаше на централата откако беше исклучена од мрежата. Оваа електрична енергија сега може да се испорачува преку мрежата“,
се вели во соопштението на МААЕ.
Двајцата лидери покрај за Запорожје разговарале и за безбедноста и извозот на храната. Путин на Макрон му порачал дека Европската Унија не треба да го попречува извозот на руска храна и ѓубрива во Африка, Латинска Америка и Блискиот Исток но и ги обвини украинските сили дека напаѓаат руски цивили во источниот регион Донбас во Украина.