Заменик-министерот за правда Агим Нухиу потврди дека утре ќе има средба со неговиот колега од Косово Блерим Салаху, но дека не е предвидена средба на косовскиот заменик-министер со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“.
Во изјава за МИА, Нухиу попладнево рече дека ќе се сретне со Салаху и оти е предвидена средба со раководството на затворот „Идризово“, но не и со затворените лица.
Веста дека косовскиот функционер ќе ги посети осудените за „Диво Насеље“ стигна од Косово откако Салаху гостуваше на телевизијата Т7 каде ја најави посетата повикувајќи се на одобрение токму од Нухиу.
„Како Министерство, имајќи го предвид Законот за државјанство, во кој се нагласува јасно дека државјанинот има тесни врски со државата, ние имаме обврски (кон државјаните на Косово). Имаме потврда од македонскиот заменик министер за правда дека можеме да ги посетиме во четврток. Ќе ги посетиме, ќе ги видиме условите, потоа ќе преземеме мерки, како што е испраќање дописи до тамошната влада за да создадат подобри услови“,
рече Салаху.