Централниот одбор на НСДП го утврди Горан Мисовски за единствен кандидат за претседател на петтиот партиски конгрес, соопштија од НСДП.
Предлогот бил усвоен со мнозинство гласови од присутните членови на Централниот одбор, по завршување на дебатата. А како што се наведува во партиското соопштение, исто така на седницата на Централниот одбор биле утврдени и други конгресни одлуки.
Горан Мисовски е актуелен пратеник и потпретседател на Собранието.
Пред почетокот на состанокот на Централниот одбор, организацискиот секретар на партијата Кристијан Трајковски соопшти дека и тој поднел кандидатура за прв човек на НСДП.
„Ја поднесов мојата кандидатура и програма согласно сите услови и рокови предвидени со Правилникот за избор и кандидирање на Претседател на НСДП кој го усвои самиот Централен Одбор. Иако сум единствен кој поднесе кандидатура и програма согласно Правилникот, верувам во демократскиот дух на партијата и дека ќе имаме успешни и демократски избори “
порача Трајковски.
Петтиот конгрес на НСДП ќе се одржи на 4 јуни.