НСДП денеска одржува седница на Централниот одбор на кој треба да утврдат кандидатури за нов партиски лидер за Конгресот што треба да се оддржи на почетокот на јуни. Сите членови на ЦО што досега земаа збор порачаа дека не треба да има еден кандидат за наследник на долгогодишниот лидер Тито Петковски, кој ја формираше партијата по отцепувањето од СДСМ во 2005 година.
Пред настанот, организацискиот секретар и кандидат за претседател на НСДП даде изјава за медиумите.
„Ја поднесов мојата кандидатура и програма согласно сите услови и рокови предвидени со Правилникот за избор и кандидирање на Претседател на НСДП кој го усвои самиот Централен Одбор. Иако сум единствен кој поднесе кандидатура и програма согласно Правилникот, верувам во демократскиот дух на партијата и дека ќе имаме успешни и демократски избори за Претседател на партијата на претстојниот Конгрес на 4 јуни“, рече Трајковски.
Прашан што доколку денес Централниот одбор сепак донесе одлука да има само еден кандидат, односно Горан Мисовски, Трајковски одговори дека самиот Правилник предвидува кандидатура за претседател да може да биде пријавена и на самиот Конгрес и дека планира да ја искористи и таа можност.