Раководителот за противпожарна заштита во Националниот парк „Галичица“, Ѓуро Јовчески, вели дека пожарот спласнува и се очекува негово целосно гаснење
Ситуацијата со пожарот на Галичица е под контрола и будно се следи, информира раководителот за противпожарна заштита во Националниот парк „Галичица“, Ѓуро Јовчески. На линија од десет километри, како што соопшти, вчера биле ангажирани 120 пожарникари, како и два полициски хеликоптера и три „ертрактори“.
Јовчески информира оти источниот фронт на пожарот е ставен под контрола, а смирено е и жариштето на северниот дел од Галичица кон Охрид, каде што изминатите два дена се правеле заштитини појаси.
Најкритичен дел, како што посочуваат од Националниот парк, е западниот фронт, но и таму состојбата е ставена под контрола, иако има индиции дека повторно можат да се појават жаришта. Во текот на денешниот ден можно е ангажирање на два воздухоплова за гасење на огнените јазици – едениот во делот кон Преспанското, а другиот кон Охридското Езеро за да се стави целосно под контрола и да се ликвидира пожарот.
Јовчески вели дека пожарот спласнува и оти се очекува позитивен развој и негово целосно гаснење.