На претходното рочиште Палевски негираше одговорност за убиствата на Вања и Панче тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски со сведочење на првообвинетиот Љупчо Палевски, којшто треба да одговара на прашања на неговиот адвокат. По ова се очекува да има вкрстени прашања на Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.
Тој на претходното рочиште, што беше пред два дена, одговарајќи на директни прашања на неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, кажа дека ако сакал да оствари некакво користољубие тоа ќе го сторел со уцена на, како што кажа, милијардери со „ферари“, но не го сторил тоа.
Во исказот тој негираше одговорност за убиствата на Вања и Панче тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум против Договорот со Бугарија.
Палевски обвини и дека поради однесувањето на Обвинителството, бил спречен навреме на изврши увид во доказите и тоа морал да го направи по почетокот на главната расправа. Рече и дека во обвинението против другите четворица, кое беше објавено на 12 август, биле ставени предмети со негова ДНК.
Тој ги нападна и медиумите за нивното работење и известување, па рече дека станува збор за „багра“ и професија која е корумпирана од банкарскиот сектор.
Палевски беше прашан и за познанството со другите обвинети. Рече дека ги познава сите, освен Александар Ѓорчевски, чие име првпат го видел во кривичната пријава. А, за другите тројца даде и опис за тоа какви биле како луѓе.
Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети.
Инаку, според обвинението, Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.