Поранешните премиери на Македонија и на Грција беа номинирани и за Нобеловата награда за мир за 2019 година, а сега го добија признанието кое во минатите година им беше доделувано на Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Кофи Анан…
Зоран Заев и Алексис Ципрас, поранешните премиери на Северна Македонија и на Грција, се годинашни добитници на Меѓународната награда за мир на Вестфалија. Со оваа награда им се оддава признание за потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој е надминат речиси тридеценискиот спор за името на нашата земја.
„Ципрас и Заев направија дипломатски подвиг со постигнатиот договорот за неколкудеценискиот конфликт околу името на Македонија, давајќи многу значаен придонес за стабилноста на целиот балкански регион“,
изјави д-р Рајнхард Зинкан, претседавач на Економската заедница на Вестфалија и Липе, објавувајќи ги добитниците на Меѓународната награда.

Во образложението Зинкан нагласува дека и двајцата, сега веќе поранешни шефови на влади, ги ставиле политичкиот контекст и иднината пред личните политички кариери.
„Без Ципрас и Заев, прашањето за името немаше да се разреши и меѓусоседскиот спор ќе продолжеше да го дестабилизира целиот балкански регион“,
додава Зинкан.
Наградата свечено ќе биде доделена на 19 септември, во рамки на Самитот во Минстер, каде што на посебна панел-дискусија ќе се обратат двајцата поранешни премиери и доскорешната претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Преспанскиот договор стапи во сила во февруари минатата година, по неговото потпишување во јуни 2018 година. Во јули минатата година, лидерот СИРИЗА, Ципрас, замина од премиерската функција по поразот на предвремените парламентарни избори во Грција, што тој ги распиша откако неговата партија, во меѓувреме, ги изгуби локалните и европските избори.

Новиот грчки премиер Кирајкос Мицотакис, иако како опозиционер силно се спротиставуваше на Преспанскиот договор, сега се залага за негово целосно спроведување. Наспроти тоа, во земјава се појавуваат стравувања од можно поткопување на Договорот со Грција, поради најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека би направила ревизија доколку обезбеди двотретинско мнозинство во македонскиот парламент.
Заев и Ципрас минатата година беа номинирани и за Нобеловата награда за мир, но не успеаја во силната конкуренција. Нобеловата награда за мир за 2019 година му припадна на етиопскиот премиер Абиј Ахмед Али за неговиот ангажман за мир и меѓународна соработка, особено за иницијативата за решение на граничниот конфликт со соседна Еритреја.
Меѓународната награда за мир на Вестфалија е воспоставена во 1998 година од Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе и се доделува на секои две години. Меѓу досегашните добитници на ова угледно признание се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Курт Масур, Карла дел Понте, Кофи Анан, екипажот на Меѓународната вселенска станица, балтичките држави итн..
Паралелно со доделувањето награди на личности или претставници на држави за нивната мировна работа во Европа и светот, наградата се доделува и на млади луѓе што поставиле пример за политичко, социјално и еколошко помирување. Годинава, покрај Заев и Ципрас, добитник на младинската награда е иницијативата „Plant-for-the-Planet“.