Од МВР за „360 степени“ велат дека денешниот метеж бил во одреден период бидејќи, освен оние што имале редовни термини, се појавиле и оние со термини од минатата недела, кога системот не работеше поради надградба
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност за застојот во издавањето пасоши, лични карти и регистарски таблички, а обвинуваат и дека се создава нов кластер во време на пандемија
По многубројните поплаки од граѓаните дека во изминатиов период не можат да извадат пасоши и лични карти, од утринава пред просториите на МВР има метеж и турканици – редици луѓе чекаат за лични документи. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност за застојот во издавањето на пасоши, лични карти и регистарски таблички, а обвинуваат и дека се создава нов кластер во време на пандемија.
„Нели е пандемија и не смее да има групирање? Ама поради вашата неспособност нов кластер во МВР е на повидок“,
пишува на Фејсбук Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР негираат дека има недостиг на пасоши и повторуваат дека застојот бил краткотраен поради надградување на системот и префрлање на податоците.
„Денеска во одреден период имаше поголем број на граѓани поради тоа што за фотографирање за пасош покрај редовно закажаните термини, дојдоа и граѓаните кои имаа закажано термин за сликање во минатиот четврток и петок, денови кога службите не работеа поради надградбата на системот. Од денеска системот функционира стандардно и сите граѓани кои имаат закажано термин ќе ја добијат соодветната услуга“,
велат од МВР.
Минатата недела МВР од 23 до 27 јуни не примаше барања и не издаваше лични карти, пасоши и возачки дозволи со образложение дека се мигрира кон нов систем. Во четвртокот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека имало недостаток на обрасци за пасошите, но само за дипломатските. Додека во однос на документите за сите граѓани Спасовски повтори дека се работело надградба на системот, а најави и дека ќе започне издавањето на лични документи со новото уставно име.
„Се врши миграција на податоци на новиот надграден систем, по што од понеделник започнуваме повторно со подготовка на издавање на сите документи, коишто ќе бидат усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име и со другите законски податоци“,
рече Спасовски.
За проблемот со пасошите реагираше Омбудсманот кој предупреди дека се кршат правата на граѓаните поради неможноста да извадат лични документи. Народниот правобранител побара МВР да испита дали имало пропуст во работата на службите, а најави и сопствена истрага.
„Менувањето на системот или неговата надградба во период кога е очекувано да има зголемен прилив на барања за издавање документи е несоодветно и претставува повреда на правата на граѓаните, поради што народниот правобранител по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во Министерството за внатрешни работи, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните“,
соопштија од канцеларијата на Народниот правобранител.
„360 степени“ минатата недела, врз основа на изјави на граѓани, објави дека во последниов месец има тешкотии да се извадат лични документи како лични карти и пасоши, а повеќе од три месеци не можат да се обезбедат ниту регистарски таблички за автомобили.