Најдоцна 20 дена по изборите, односно на 28 мај, пак, треба да биде свикана седницата за конституција на новиот пратенички состав во Собранието
Конститутивната седница на новиот парламентарен состав треба да биде свикана најдоцна до 28 мај, односно најдоцна 20 дена од одржувањето на парламентарните избори закажани за 8 мај. Седницата, која може да трае најмногу три дена, треба да ја свика и со неа да заседава актуелниот собраниски претседател Јован Митрески.
Доколку спикерот не го стори тоа до 28 мај, согласно одредбите од Деловникот на Собранието, на 21. ден по изборите седницата ја свикува најстариот пратеник кој ќе претседава со седницата до изборот на нов собраниски спикер. Претседателот на новиот парламентарен состав се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.
Покрај конститутивната седница за новиот состав на парламентот, собранискиот спикер треба да ја свика и седницата за инаугурација на новиот шеф на државата најдоцна до 12 мај.
- Kандидатите за претседател расположени за мастер дебата, останува да се договорат техничките аспекти
Во периодот до почетокот на кампањата за изборите за претседател на државата, која официјално започнува идната недела, како што изјави претседателот на Собранието на денешниот брифинг со новинарите, има можност да биде свикана седница за евентуални итни прашања.
По стартот на изборната кампања, како што додава Митрески, и покрај тоа што Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание, не е во план да се свикуваат седници, а останатите активности во парламентот ќе бидат сведени на неопходниот минимум за да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница.
Инаку, за денеска е закажана последната нова пленарна седница во овој парламентарен состав на која, како што посочи Митрески, предложена е декларација за одбележување на четири години од влезот на С Македонија во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата. Усвојувањето на оваа декларација на крајот на мандатот на актуелниот пратенички состав, според Митрески, е од големо значење за да се остави порака до идните пратеници.