Вршителот на должноста поглавар на Исламската верска заедница, Шаќир ефенди Фетаи, на својот фејсбук-профил објави дека е позитивен на ковид-19.
„Грижејќи се за моето семејство, моите соработници, како и сите верници и граѓани, решив да направам тест за ковид-19. За жал, тој излезе позитивен. Во моментов сè е нормално и нема никакви проблеми ниту симптоми. Јас се придржувам кон прецизните медицински препораки и сум во домашна изолација. Таква е одлуката на Алах. Апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и да се придржуваат кон препораките на надлежните органи“,
вели Фетаи во својата порака на Фејсбук.
Инаку, ИВЗ вчера соопшти дека поради коронавирусот нема да се одржи традиционалната манифестација по повод Курбан бајрам и ги повика верниците да бидат максимално внимателни и да ги почитуваат препораките на здравствените работници.
За разлика од поранешниот реис Сулејман Реџепи, кој победоносно и со потсмев зборуваше за заразата, новиот поглавар Шаќир Фетаи, веднаш по преземањето на должноста, им порача на верниците дека болеста е вистинска и ги повика да бидат сериозни во борбата против неа, без страв, но со голема свест.