Со оглед на тоа што во изминатите близу три години овој собраниски состав не успеа да ги донесе измените во Деловникот, за кои се дебатираше во рамки на процесот „Жан Моне“, прашање е дали конституирањето на новиот состав ќе заврши побрзо од претходниот пат
Новиот десетти по ред парламентарен состав, најверојатно, ќе се конституира според стари правила, односно согласно важечките одредби во собранискиот Деловник, со кои не е ограничено времетраењето на конститутивната седница, и покрај лошото искуство по последните избори во 2016 година, поточно настаните на 27 април 2017 година.
Конститутивната седница на идниот собраниски состав би се одржала на почетокот на мај, односно најдоцна 21 ден по изборите на 12 април. Со оглед на тоа што во изминатите близу три години овој собраниски состав не успеа да ги донесе измените во Деловникот, за кои се дебатираше во рамки на процесот „Жан Моне“, прашање е дали конституирањето на новиот состав, вклучително со изборот на идниот претседател на парламентот, ќе заврши побрзо од претходниот пат.
Дијалог
Следниот викенд, во Скопје, ќе се одржи нова рунда разговори во рамки на процесот „Жан Моне“, со учество на новиот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, а се очекува присуство и на други европарламентарци, покрај претставници на политичките партии и на пратеничките групи од македонското Собрание. И овој пат тема на дијалогот се измените во собранискиот Деловник. Сепак, според проценките во парламентот, мали се шансите овој собраниски состав, кој се распушта на 12 февруари, да ги изгласа предвидените измени, иако голем дел од прашањата се усогласени меѓу пратеничките групи. Сепак, не е исклучена ниту можност, измените во Деловникот да бидат донесени во последен момент.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар, денеска, на претставувањето на приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ во македонското Собрание, го посочи процесот „Жан Моне“ како еден од трите приоритетни столбови на кои треба да се фокусира домашната политика во следниот период, со цел почеток на преговорите со ЕУ. Другите две прашања што Жбогар ги посочи како приоритетни се донесувањето на законот за јавно обвинителство и измените на Изборниот законик, согласно со препораките на ОБЕС/ОДИХР.
„Треба да работите заедно како влада и опозиција. Собранието беше пример во регионот во изминатите неколку години за тоа како сите политички партии можат да работат на важните реформи за земјата. Го видовме тоа многупати и се надеваме ќе го видиме до распуштање на Собранието. Во однос на изборите, всушност третиот столб, очекуваме слободни, фер и мирни избори. Но во исто време треба да забележиме дека изборната кампања, иако не е почната официјално, всушност, почна откако во октомври беше објавен изборниот датум. Со засилување на кампањата се засилуваат и тензиите во политиката кои се одразуваат и врз целото општество“,
изјави Жбогар.
Опозиција
Во однос на Деловникот, според информации на „360 степени“, жешка точка останува барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се интервенира во процедурата за одземање имунитет на пратеник, така што одлуката за тоа би се носела со двотретинско, наместо со сегашното апсолутно мнозинство. Исто така, опозицијата предлага и можност за враќање на имунитет на пратеник. Контрааргумент на владејачките партии по ова прашање, пак, е дека имунитетот на пратениците е уставна материја, така што каква било измена во овој дел би повлекла промени на Уставот.
Со цел да се превенираат настани како на 27 април 2017 и на 24 декември 2013 година (кога опозицијата и новинарите беа исфрлени од собраниската сала за време на носењето на новиот буџет), измените на Деловникот, во рамки на дијалогот „Жан Моне“, предвидуваат времетраењето на конститутивната седница да се ограничи на само два дена – еден за верификација на мандатите на новоизбраните пратеници, а вториот за избор на прв парламентарец. Со конститутивната седница, пак, би претседавал најстариот пратеник, што би значело суспендирање на можноста претседавач да биде претходниот претседател на парламентот – доколку добие нов пратенички мандат.
Во текот на досегашните разговори меѓу парламентарните политички партии, начелно е договорено и засилување на улогата на опозицијата во законодавниот дом. Во таа насока, се планира еднаш месечно да се одржува седница на која единствено опозициските пратеници ќе им поставуваат прашања на министрите и на други членови на извршната власт. Се засилува и улогата на потпретседателите на парламентот од редовите на опозицијата, кои ќе имаат можност за процедурални забелешки во тек на седница, како и за поднесување претставка до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања за евентуални прекршувања на собранискиот Деловник, за што, сепак, последниот збор ќе го има претседателот на парламентот. Исто така, се остава поголем простор за опозициските пратеници да предлагаат закони, со тоа што на секоја втора седница прва точка на дневен ред би бил предлог што е поднесен од опозицијата.
По последните избори, конституирањето на парламентот почна на 30 декември 2016 година, така што, по верификацијата на мандатите на избраните пратеници, имаше долга пауза која беше проследена со турбуленции околу формирањето на владата на СДСМ и на ДУИ, а Талат Џафери беше избран на чело на законодавниот дом на 27 април 2017 година – ноќта што остана запаметена како „крвав четврток“ во парламентот. Со конститутивната седница почна да претседава претходниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, а највозрасниот пратеник успеа да го преземе претседателствувањето дури дента кога пратениците се собраа да го изберат Џафери за претседател.