Жирито едногласно одлучи да ја награди приказната за злоупотреба на третман на пациенти со ковид-19 и профитерство во услови на пандемија, сметајќи дека таа содржи голема релевантност, трудољубивост, длабински и иновативен пристап, се вели во образложението

Документарниот филм „Нечиста крв“ од авторите Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Трифун Ситниковски на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) се добитници на првата награда од ЕУ за истражувачко новинарство во Македонија.
Втората награда и припадна на Фросина Димевска за истражувањето „Избеган украински политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство“ објавена на порталот Призма.
Признанието за третото место го доби сторијата на емисијата КОД, емитувана на Телевизија телма „Државата не наплати пари од пресудено дело – Неуспешна конфискација на Трансмет“ од авторите Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен.
Во образложението на одлуката се вели: „Жирито едногласно одлучи да ја награди приказната за злоупотреба на третман на пациенти со ковид-19 и профитерство во услови на пандемија, сметајќи дека таа содржи голема релевантност, трудољубивост, длабински и иновативен пристап“. Приказната на ИРЛ со многу документарни елементи е резултат на долга и опсежна истрага на цел тим и го трасира патот за ваквиот пристап во новинарството, се додава во образложението.