Седум лица се водат за исчезнати во Миколаев. Во Никопол, пак, се оштетени околу 30 згради и приватни куќи, а 2 000 семејства се оставени без струја
Нови руски напади врз инфраструктурни објекти утрово ги разбудија Украинците.
Еден од нив е извршен рано утринава врз делови од регионот на Киев. Шефот на регионалната воена администрација Олексеј Кулева за украинските медиуми изјави дека станува збор за напади кои најверојатно се извршени со беспилотни летала „камикази“. Информацијата ја потврди и заменик-началникот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Кирил Тимошенко, велејќи дека погодена е витална инфраструктура.
„Уште еден напад со беспилотни летала – камикази врз витални инфраструктурни објекти. Надлежните служби веќе работат на отстранување и документирање на последиците од гранатирањето“,
напиша Тимошенко на каналот Телеграм.
Засега нема официјални информации дали има повредени. Властите соопштија дека спасувачките екипи се на терен, а по жителите ги повикаа да останат во засолништата додека не престанат да свират сирените за воздушен напад.
Уште еден град кој во текот на изминатата ноќ бил цел на Русите е Миколаев кој се наоѓа на југот на Украина.
„Погодена е станбена зграда, петкатница. Двата највисоки ката се целосно уништени, а останатите се под рушевини“,
соопшти на Телеграм градоначалникот на Миколаев, Олександр Секович, пренесува Си-ен-ен.
Според последните информации, најмалку седум лица се водат како исчезнати и спасувачките екипи трагаат по нив пребарувајќи низ урнатините. Воената администрација во овој град посочи дека нападот на Миколаев бил извршен со осум ракети С-300.
Уште еден град на југот на земјата, Никопол, пријави гранатирање во текот на ноќта, за што информираше членот на украинскиот парламент Алексиј Гончаренко. Тој рече дека во руското гранатирање 59-годишен маж е повреден, а оштетени се околу 30 високи згради и приватни куќи поради што околу 2 000 семејства се оставени без струја.
Овие напади следуваат по три дена континуирани руски гранатирања на цивилната инфраструктура ширум Украина што, пак, започна откако се случи експлозијата на Керчкиот мост кој ги поврзува Русија и Крим.
Фото: Архива