Иако помладата популација го прележува вирусот полесно, треба да имаат предвид дека го носат дома каде имаат повозрасни родители, баби или дедовци, вели микробиолот Никола Пановски
Групирање и домашни забави е главна причина за брзото ширење на коронавирусот меѓу младите, вели директорот на ИЈЗ, д-р Шабан Мемети
Коронавирусот мутира и станува позаразен, особено британскиот сој кој во последниов период во земјава е доминантен. Но, она што се забележува од анализите на Институтот за јавно здравје е дека се зголемува бројот на ковид-позитивни кај помладата популација до 40 години.
Според нивните податоци, и натаму доминантен број на ковид-позитивни се лицата над 60 години кои се и во најризичната група, но се бележи зголемување кај возрасните групи од 20 до 40 години. Во првата недела во февруари, анализите на ИЈЗ покажуваат дека во возрасната група од 20-29 има 257 ковид-позитивни, додека пак истата група во последната недела од февруари се зголемила на 530 ковид случаи. Слично е зголемувањето и на оние на возраст од 30 до 39 години, во првата недела од февруари бројот на заразени изнесувал 422, а во последната недела 666.
Непочитување на мерките е ризик број 1
Директорот на Институтот за јавно здравје, д-р Шабан Мемети, ова зголемување го лоцира во непочитувањето на мерките. Тој вели дека свеста кај граѓаните не се подигна и по една година живеење во пандемија. Вели дека во континуитет младите продолжуваат да се групираат, најчесто и во домашни условите каде што надлежните немаат контрола. Тој смета дека со најавениот полициски час, овие појави би можеле да се надминат.

„Причината за зголемувањето на ковид-позитивни случаи кај помладата популација е непочитувањето на мерките. Не е подигната свеста дека не треба да се групираат, дека треба да се одржува дистанца, да се носи маска и да се мијат раце. Ние како земја, немаме рестриктивни мерки периодов, но и ова што го имаме не се почитува. Слична е ситуацијата и во други земји од регионов, особено во земјите кои не се членки на ЕУ, како Босна и Хрцеговина, Србија, Албанија и Косово“,
вели д-р Мемети.
Помладите го шират вирусот и во ризик ги ставаат возрасните родители
И според микробиологот д-р Никола Пановски, евидентно е дека бројот на заразени со ковид-19 кај помладата популација се зголемува. Тој укажува дека тие генерално го поминуваат вирусот полесно, но треба да се има предвид дека во голема мера влијаат за неговото ширење и со тоа ги доведуваат во опасност своите најблиски.

„Ова сега се случува и во светот, не е само кај нас. Се затопли времето, луѓето се почесто надвор, се движат, се сретнуваат меѓу себе и полесно доаѓаат до контакт со вирусот. Факт е дека имаме зголемување на бројот на ковид-позитивни кај помладата популација. За среќа. тие не се со тешка клиничка слика, но вирусот го носат дома и тоа создава ризик за нивните повозрасни родители, баби и дедовци“,
вели Пановски.
Епидемиологот Сашко Олумчев, денеска информираше дека во општините Гевгелија, Дојран и Богданци кои се во надлежност на Центарот за јавно здравје Гевгелија се соочуваат со зголемен борј на новозаразени особено изразено кај помладите. Олумчев вели дека присутен е британскиот сој на вирусот, кој е за 70 отсто поинфективен од претходниот тип и дава за само неколку дена тешка клиничка слика со висока температура и бронхопневмонија.
„Од овој тип на вирус најчесто страдаат младите кои понатаму го пренесуваат во своите фамилии. Ако претходно младите покажуваа лесна клиничка слика, сега поради непочитување на протоколите и мерките за заштита, овој тип на вирус многу брзо влегува во младиот организам каде мутира и создава тешка симптоматологија“,
вели Олумчев за МИА.

Ако бројката на заразени продолжи и понатаму да расте, Олумчев изрази загриженост поради опаноста од недостаток на човечки ресурси и на капацитети за сместување на потешките случаи затоа што моментно сите 15 кревети во модуларната болница се пополнети, а на дневен третман континуирано има меѓу 40 и 50 пациенти.
Каков бран нè очекува?
Бројот на ковид-позитивни случаи во С Македонија во последниве неколку недели расте, а во континуитет од неколку дена беа регистрирани денови со над 700 нови случаи. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека нема некоја значајна разлика во возраста на новозаразените со претходно.
„Нема разлика на она што беше тренд претходно во делот на тежината на болеста. Има заразени и во четвртата деценија има и постари. Нема некоја значајна разлика, нешто што би можело да кажеме дека заради овој бран нешто е многу поразлично од тоа што беше претходно“,
вели Филипче.
Инфективните одделенија во болниците и ковид-центрите низ земјава се полнат, но нема нагол раст на хоспитализирани како што беше на почетокот на месец ноември минатата година. Министерот вели дека, во овој момент тешко е да се процени дали и колку ќе биде силен бранот којшто сега се јавува. Тој додава дека епидемиолозите се со поделени мислења за тоа каков ќе биде овој бран.

„Најмногу зголемена инциденцата на нови случаи има во Скопје, регионот во Кавадарци и Неготино, Прилеп и Охрид и тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница, исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје секојдневно се поголем број на случаи коишто бараат хоспитализација, затоа функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се подготвени и сите интерни клиники“,
додаде Филипче.
Албанија и Србија со сличен предизвик
Лекарите од Инективната клиника во Тирана, Албанија велат дека се забележиува вознемирувачки феномен, а тоа е дека меѓу новозаразени најголем е процентот на млади.
„Непочитувањето на анти-ковид мерките, како и занемарувањето на симптомите во првите денови од инфекцијата ги загрозува животите на младите. Загрижува појавата што младите го занемаруваат ризикот што им се заканува и се јавуваат во болница во последната фаза на болеста“,
изјави за Ора њуз, инфектологот Петрит Ѓорѓи од Инфективната клиника.
Според него, агресивноста на вирусот не се намалува, што како последица е и високиот процент на починати.
Албанија неделава регистрираше црн биланс во однос на починати и новозаразени лица од ковид-19, а Министерството за здравство соопшти дека изминатата седмица починале 143 лица, меѓу кои и 22-годишна студентка од Ерсек, без други коморбилитети.
Во Србија пак, властите одлучија да воведат порестриктивни мерки за заштита, откако земјата бележеше вртоглав раст на новозаразени. Српскиот епидемиологот Предраг Кон изминативе денови бараше затворање на угостителските објекти, па така по подолг временски период Србија викендов го помина со кафеани, кафулиња, трговски центри, и во градовите и во скијачките центри, а работеа само продавниците за храна, аптеките и бензиските пумпи.
Претходните денови Кон ја образложи епидемиолошката состојба во Белград како катастрофална и најави дека ќе бара порестриктивни мерки кои ќе траат подолго.