Тестирањето на патниците на крузерот “Дајмонд Принцес“ закотвен во Јокохама покажале дека уште 60 лица се позитивни за коронавирус, соопшти јапонското Министерство за здравство.
Со тоа бројот на случаи на коронавирус на бродот кој е во карантин се зголеми на 130, јавија локалните медиуми повикувајќи се на извор од јапонското Министерство за здравство.
Крузерот е во двонеделен карантин во пристаништето Јокохама, откако кај еден патник што се симнал од бродот во Хонг Конг му бил дијагностициран вирусот.
На бродот има околу 3.700 патници и членови на екипаж, а македонското Министерство за надворешни работи информира дека меѓу нив има и тројца наши државјани, но за нивната здравствена состојба засега нема информации.
Коронавирусот го надмина САРС
Вискостручен тим меѓународни експерти, предводен од претставници на Светската здравствена организација (СЗО), синоќа отпатува за Пекинг за да помогне во истражувањата поврзани со епидемијата на коронавирусот.
Извршниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус, на Твитер напиша дека тимот стручњаци, предводен од ветеранот на СЗО, канадскиот епидемиолог, Брус Ајлвардо, тргнаа за Пекинг, пренесоа британските медиуми.
Кинеската национална здравствена комисија соопшти дека бројот на починати од епидемијата на коронавирус изнесува 910, од кои само во Кина починале 908. Со овие најнови податоци, наведува комисијата, жртвите на новиот тип на коронавирус ги надминаа оние од епидемијата на САРС, која во 2002-2003 година зеде 774 жртви.
Бројот на смртни случаи од коронавирусот во кинеската провинција Хубеј, изворот и жариштето на епидемијата, веќе достигна 871 лица, пренесоа британските медиуми. Само во последните 24 часа се регистрирани 2.618 нови случаи на заразени со вирусот, со што вкупниот број на заразени во провинцијата достигна 29 631.
Според Светската здравствена организација, бројот на заразени се стабилизира, но е прерано да се каже дека пикот на епидемијата е минат.