Системот на Бирото на јавни набавки исфрли договор вреден околу 580.000 евра, пари кои ќе бидат потрошени за одржување на скопските фонтани од проектот Скопје 2014. Јавната набавка ја спровеле ЈП „Водовод и канализација“ а работите ќе ги реализира фирмата „Хидротек“ од Скопје. Датумот на склучување на договорот е 13 јуни 2019, односно минатиот четврток.

Според тендерската документација, предмет на одржување се седум објекти:
- фонтана Воин на коњ
- четирите фонтани на Карпошово востание
- фонтана Мост око
- три фонтани кај Пресвета Богородица
- џампинг џет фонтаната на плоштадот
- фонтана Паднати херои
- фонтана ВМРО
Во договорот има и посебна ставка „Потребни резервни материјали, опрема и интервенции“.
Збирот од сите овие ставки изнесува близу 150.000 евра, што е далеку помалку од вкупната вредност на потпишаниот договор. Во член 3 од договорот се дообјаснува дека:
„Вкупната вредност на договорот… ќе се утврди врз основа на стварно извршените услуги според потребите на Корисникот за период од 12 месеци, но не повеќе од износот од.. 35.400.000,00 денари со вклучен ДДВ (580.000 евра н.з.).“
се вели во член 3 од Договорот
Со други зборови, зависно од потребите, одржувањето на фонтаните може да чини речиси 600.000 евра за 12 месеци, а можеби и поевтино, околу 150.000 евра.
Дали е оваа сума висока и значи ли ангажманот на надворешна фирма дека „Водовод“ не може сам да ги одржува фонтаните, одговор побаравме од самото јавно претпријатие. До овој момент немаме одговор.
Одржувањето на фонтаните поскапе пет пати за една година
Ова е првпат во последните години а можеби и воопшто, ЈП Водовод да спроведува јавна набавка за одржување на фонтаните. Лани, таков тендер спроведе Град Скопје.
Според документацијата, предмет на одржување биле истите фонтани.

Двете битни разлики со актуелниот договор на Водовод е што нема точка „Потребни резервни материјали, опрема и интервенции“ и што биле доволни 98.000 за одржувањето. Тоа е дури 83% поевтино од актуелниот договор на ЈП Водовод. 360 Степени очекува коментар за причините за повисоката цена на одржувањето на фонтаните и од Град Скопје.
За фирмата со која Водовод го склучил договорот од над половина милион евра, Хидротек, може да си види дека е регистрирана пред нешто повеќе од две години, на 12 јануари 2017 година.

Хидротек досега има неколку договори за јавни набавки за одржување на фонтани. Ниту еден од нив не надминува 100.000 евра и сите се склучени со општината Аеродром.
Дел од фонтаните засега не работат
„360 степени“ попладневно направи куса обиколка на фонтаните од двете страни на Камениот мост. Четирите фонтани околу споменикот на Филип II беа во функција. Од другата страна на мостот, работеше фонтаната под Воинот на коњ. Но, не беше во функција т.н. џампинг џет фонтана.